Субвенции за туроператорите и авиокомпаниите, промоција на Македонија, изградба и уредувања на плажи, земјиште за хотели со почетна цена од евро за квадрат. Бројните проекти го поттикнаа развојот на македонскиот туризам. Од 220 илјади странски туристи во 2007-та, лани нивниот број се зголемил на 425 илјади.
Од секторот јавуваат за исполнети капацитети и потреба од изградба на нови хотели.
Меѓу инвестициите на државата се и уредувањето на крајбрежјата на природните езера. Последна меѓу нив е 500-метарската Стење на Преспанското езеро во која се вложени 950 илјади евра. Премиерот Груевски најави дека проектите во туризмот продолжуваат.
Во првите пет месеци бројот на странски туристи е зголемен за 17 проценти, а во јули на аеродромите имало рекорден број на патници,185 илјади, што претставува раст од 28 проценти.
Субвенциите ги привлекоа трите најголеми тур оператори во светот. ТУИ и Корендон веќе носат десетици илјади туристи, главно од земјите од Бенелукс. Од неодамна се воспостави нискобуџетниот лет Лондон – Охрид, па во земјава дојде и британскиот тур оператор Филип Кук со кој треба да се потпише договор за туристи од Британија.
Туризмот е гранка со голем потенцијал која обезбедува девизен прилив и ги поттикнува локалното стопанство и вработувањата. На пример, хрватската економија се очекува годинава да инкасира рекордни осум милијарди евра од туризмот. Се работи за клучен приход во инаку презадолжената држава.