CINEDAYS 2012 – “Премногу сапуница штети на нашите очи, раце, мозок”!!!


 

“ДА ЈА ИСПЛАКНЕМЕ САПУНИЦАТА ОД СЕБЕ” под ова мото ќе се одржи CINEDAYS 2012. еве што велат организаторите во соопштението испратено до медиумите.

ДА!, под опсада од ТВ сапуниците, без никаква двојба и сомнеж се одлучивме за ваков слоган. По четиридецениската безмилосна војна против сеопштиот кич, шунд, паланечката малограѓанштина, хипокризијата, ниските вредности, дребното профитерство, срозените морални нормативи, себепанегеричното политиканство… и останатите контракултурни, “нехигиенски“, и несогледливо штетни општествени појави и дејанија, вашиот МКЦ, ни помалку ни повеќе, ви приредува:

11 дни, 107 филмови, во кино Милениум, кино Фросина и Кинотека на РМ!

Го наследивме CINEDAYS со вкупно 44 продадени билети, во 2010 продадовме 4.900, минатата 2011, 23.000, годинава, ВЕТУВАМ/Е: сигурно ќе ја срушиме оваа бројка.

10  филмови во Официјална селекција, најдоброто од младите европски автори (од кои два се анимирани долгометражни);

7 филмови во CINEBALKAN селекцијата, меѓу кои и филмот победник на Сараево (“Everybody in our Family”, реж. веќе големиот Radu Jude) и филмот победник на Ротердам, контроверзниот, забрануваниот, филмот кој несомнено ќе биде миговно распродаден (“Klip”, реж. Maja Milos); обата филмови ќе бидат претставени од нивните режисери.

За сево ова, огромна благодарност на нашиот голем и искрен пријател од престижиот BERLINALE, Бернд Будер.

Знаете, како и во изминатите две години наназад, откако сме главни “виновници” за CINEDAYS, без исклучок, сите филмови во официјалната конкуренција во CINEBALKAN конкуренцијата, и во МК&ЕУ програмата се со гости, нивните режисери, актери, сценаристи, продуценти… кои по премиерните прикажувања на нивните филмови, нашите филмофили ќе можат непосредно да ги запрашаат за сè што е поврзано за и околу создавањето на филмот во рамките на “прашања и одговори”.

Во рамките на МК&ЕУ програмата, во која ќе се прикаже селекција од европски филмови во кои работеле наши режисери, актери, сценаристи, продуценти…

  • “Shanghai gipsy”, филмот со кој официјално ќе биде отворен CINEDAYS, реж. Marko Nabersnik (филмот, освојувач на наградата за најдобро сценарио на престижниот фестивал во Монтреал, филмот во кој настапуваат нашите Висар Вишка и Сенко Велинов) и филмот кој ќе биде претставен лично од режисерот и дел од екипата од Словенија. По официјалното отворање, ве чекаме сите во МКЦ, на концерт со Тони Китановски и Черкези оркестра;
  • последното остварување на Иво Трајков (дел од екипата ќе е на CINEDAYS);
  • црногорскиот “As Pik”, реж. Драшко Ѓуровиќ, наш гостин, (муз. Зоран Краљевски, подготовка на актери, Мони Дамевски), во филмот настапува големиот Michael Madsen;
  • “Zverinjak”, на Марко Новаковиќ, гостин на CINEDAYS (главната улога, Никола Ристановски); и
  • големиот Горан Паскаљевиќ, гостин на CINEDAYS, чиј филм ќе биде на официјалното затворање,  (муз. Влатко Стефановски, играат Мето Јовановски и Зафир Хаџиманов);

Земја во фокус: Египет, кинематографија со големо и богато наследство. На CINEDAYS, повеќе филмови, меѓу кои и документарните филмови посветени на феноменот на арапската пролет, нивните режисери – наши гости, со сведоштва за суровоста на војните, демонстрациите и протестите кои го зафатија арапскиот свет. Инаку, дел од овие филмови за прв пат оваа година беа претставени на BERLINALE.

Ова, благодарение на Шериф Авад, член на жирито на Официланата селекција, и селектор на филмовите за “Земја во фокус”.

За прв пат оваа година, со помош на организацијата ИнАкто од Италија, остваривме соработка со Торинската филмска комисија (која стои позади Торинскиот ФФ) и Чинечита , за реализација на програмата селекција на италијански филмови. Во неа, ќе може да се погледнат долгометражни и кратки филмови, од млади современи италијански режисери, и во чии рамки ќе се одржат и две работилници, гости на CINEDAYS ќе се повеќе италијански режисери, сценаристи, филмски работници…

Уште еден новитет, оваа година во соработка со ZEBRA, најголемиот фестивал во светот посветен на поетски филмови,  ќе се прикажат повеќе кратки поетски филмови (селекција од најдобрите во изминатите изданија на ZEBRA фестивалот). Овие филмови, ќе бидат проследени со поетски настапи во живо на повеќе поети од Македонија и Европа. На CINEDAYS,  гостин ќе е и координаторот на ZEBRA фестивалот, Christiane Lange.

Благодарност за сево ова, на нашиот голем пријател, големиот Никола Маџиров.

Музичките документарни филмови, повторно ги селектираше нашиот пријател, Тони Шариќ, селекторот на фестивалот DORF, секоја година, со селекција на најдобрите муз. док. филмови. Повторно ќе бидат проследени со соодветни музички вечери, со екипите кои ги создавале овие филмови – наши гости, со ДЈи, во Кино Фросина и на повеќе локации ширум градот ни. Филмови меѓу кои ќе се прикажат и филмовите посветени на големиот Brian Eno (филм снимен од BBC, филм кој ќе биде претставен од екипата), филмот за LCD Soundsystem, за Боб Марли… Во овој контекст, покрај концертот на Тони Китановски и Черкези Оркестра на отворањето на CINEDAYS, не треба да го заборавиме и концертот на Bei The Fish, со музичкиот опус на култниот Оливер Мандиќ.

Во согласност со основната мисија на фестивалот, да се даде простор на младите филмски автори за прикажување на нивните амбициозни филмови, и оваа година, CINEDAYS ќе им овозможи на младите македонски режисери, да земат учество со нивните кратки филмови. Ќе бидат прикажани повеќе од десетина кратки филмови.

Жири:

  • Шериф Авад, кој веќе го споменавме, филмски уредник на големото списание (Egypt Today) и куратор на големите филмски фестивали во Александрија и Каиро;
  • Јан Харлан, ѕвездата на фестивалот, што да кажаме за Харлан?! Легендарниот филмски продуцент, “десната рака” на култниот Стенли Кјубрик, негов најблизок соработник и близок пријател. Со Кјубрик, работи на остварувањата на епските: “Barry Lyndon”, “The Shining”, “Full Metal Jacket” , “Eyes Wide Shut”,  “A Clockwork Orange”. Харлан работи и како продуцент на филмот на Стивен Спилберг, “AI – Artificial Intelligence” во 2001 год., кој е реализиран како соработка помеѓу Кјубрик и Спилберг. Овде доаѓа како почесен член на жирито и на огромна чест и задоволство, внимавајте, ќе одржи мастер предавање на Факултетот за драмски уметности;
  • Третиот член е младиот режисер Вардан Тозија, претставник на новите македонски режисерски сили, кој од неодамна, за својот краток филм “ЧОВЕКОТ СО ЧУДНА НАВИКА ДА МЕ УДИРА СО ЧАДОР” доби главна награда на филмските фестивали во Луксор (Египет) и Ваљадолид, Шпанија;

Како новитет, оваа година имаме и посебно жири за селекцијата на филмови во CINEBALKAN, што беше и логичнo согласно зголемениот опус на филмови:

  • Габи Бабиќ, директор на goEast, филмскиот фестивал посветен на балканска кинематографија од Висбаден, Германија;
  • Јан Цвитковиќ, словенечки режисер, добитник на на наградата Луиџи ди Лаурентис на Канскиот филмски фестивал за филмот “Kruh in Mleko”;
  • Пшемислав Војчешек, контроверзниот полски театарски и филмски режисер, претставник на независната полска кинематографија.

Од придружните програми, го споменавме:

  • предавањето на Јан Харлан, што ќе е голем настан за нашите филмски работници;
  • MINI Eave, работилницата за продуценти која оваа година, исто така, ја организира Филмскиот фонд на РМ, голема благодарност до Филмскиот фонд за сета поддршка и помош што веќе две години по ред ни ја даваат;
  • предавање за анимиран филм, од страна на Ангел Круз (кој работел на филмот “БРЧКИ” од Официјалната конкуренција);
  • предавање за микро буџетирање на филмови (Шарон Бар Жив, израелски режисер);
  • работилниците кои ќе се одржат во рамките на италијанската програма и секако,
  • предавањето на Ричард Грејсон, истражувач, писател и професор на Универзитетот во Оскфорд, на темата “Холивудската културна машина: Производство и извоз на американскиот сон”.

И сега, за крајот, одиме со она што слободно и одговорно тврдиме, го нема ниту еден ФФ во Европа и пошироко во овој миг, со гордост, нашата ГАЛА програма, победниците од:

Кан, Берлин, Венеција, Лондон, Ротердам, Сан Себастијан, Трибека, Санденс, Сараево, Сиднеј… за јубилејот ни наш, 40 годишен, вкупно фантастични 40 филмови во ГАЛА програмата.

Ханеке, Иштван Шчабо, Том Тиквер, Лик Бесон, Бертолучи, Вуди Ален, Кроненберг, Содерберг, Копола, Ким ки Дук, Киаростами, Хазанавициус, Халстром, Вернер Херцог, Андреас Дресен – големото име на германската и европската кинематографија, гостин на CINEDAYS, Содерберг, Лоуч, Гашпар Ное, Жак Одијар… или: НЕ ПОСТОИ ФИЛМ КОЈ ГО ПОСАКАВМЕ, А ГО НЕМАМЕ НА ОВОЈ CINEDAYS!!!

Сево ова, поддржано од:

  • Градот со 800.000 ден. бруто;
  • Министерството за култура со 600.000 ден. бруто; и
  • Мисијата на Европската унија со 600.000 ден.
  • Нашите пријатели, маркетинг агенцијата ПУБЛИЦИС, кои како и минатата година се “виновни” за рувото на CINEDAYS; и
  • Кинотеката на РМ.

 Повеќе информации за филмовите кои ќе бидат прикажани на нивниот сајт CINEDAYS

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1