Почнувајќи некаде од средината на следната недела и тоа од северот на Балканскиот Полуостров, ќе започне влијанието на новиот циклон кој е во најава. Циклонот Луцијан ќе ја погоди и Македонија, информира метеорологот Славчо Попоски. Истиот ќе донесе врнежи од дожд, снег на планините, голем пад на температурите и ветер. Снежната граница ширум регионот можно е да се спушти дури и на помала надморска височина.
Кај нас овој циклон ќе го почувствуваме веќе некаде од 31 октомври кога ќе настапи промена на времето и ќе растат условите за врнежи од дожд како и условите за локална нестабилност.
Сето ова ќе биде проследено најпрвин со јужен, а потоа и со северен ветер кој ќе предизвика голем пад на температурите на воздухот па така на планинските места и тоа особено на северозапад и запад врнежите од дожд се очекува да поминат во врнежи од снег.
Локално се очекува и позначително количество на воден талог па така конечно долготрајната суша барем судејќи според моменталните излези на нумеричките модели значително ќе се ублажи.