Да не се плаќа сметката за струја ако напонот е слаб


Колку македонските потрошувачи на струја и топлинска енергија се заштитени, одговорот го побаравме во Организацијата на потрошувачи на РМ (ОПМ). Златко Јолевски, правен советник во ОПМ потврди дека на нивниот телефонски број се јавуваат граѓани кои се жалат на неквалитетната електрична енергија, поради што се јавуваат дефекти кај електричните апарати, пишува Вечер.

tel smetka– За време на грејната сезона најголемиот број од поплаките на граѓаните се однесуваат за испораката на топлинската енергија. Тие реагираат дека не им се испорачува доволна топлина во нивните домови, односно дека радијаторите се млаки. Според утврдениот правилник, топлинската енергија треба да биде 20 + еден целзиусов степен – вели Јолевски и дополнува дека во такви случаи согласно Правилникот за топлинска енергија потрошувачот треба да биде обештетен, односно сметката за парно да му биде намалена.

Тој потсети дека зимото што измина најголемиот број од поплаките биле од граѓани кои што не можеле да го исклучат парно, бидејќи требале да добијат согласност од сите станари во станбениот објект. Сега и овој проблем треба да се надмине оти оваа согласност не е потребна, доколку потрошувачите тоа го сторат до почетокот на новата грејна сезона.

Од ЕВН Македонија велат дека тие испорачуваат квалитетна електрична енергија до сите потрошувачи, но дека сепак има такви кои реагираат и се жалат дека им се оштетени нивните домашни апарати. Според нив, секој потрошувач кој што смета дека треба да биде обештетен од нивната компанија уредно треба да достави пријава, односно барање.
– Стручна комисија излегува на терен за да утврди кои се причините за тоа. Доколку има основа потрошувачот се обештетува. Но доколку нема, а тој не се согласува со тоа може да побара независна комисија која ќе провери за што точно се работи. Ако и тогаш не се најде решение, крајната разврска е судот – појаснуваат од ЕВН.

Бугарија го реши овој проблем и ќе го урива монополот на енергетските компани што испорачуваат струја, топлинска енергија и гас, со цел целосно да ги заштити потрошувачите. 

Со законските измени ќе се заштитат најголем број од потрошувачите кои имаат оштетена бела техника и други апарати за домаќинство, пред се заради неквалитетниот напон на електричната енергија. Законот, исто така, предвидува да не се плаќаат сметките за струја, парно и гас доколку десет дена во месецот потрошувачот имал проблеми и не била квалитетна испораката на енергенсот. Оштетениот потрошувач ќе има право за тој месец да не ги подмири трошоците кон енергетската компанија. Ако ова се повтори и следниот месец, тогаш се одзема лиценцата на енергетската компанија. Исто така, доколку граѓанинот биде исклучен од струја за неплатена сметка со помал износ, тој ќе има право на повторно, но бесплатно вклучување.

Правата се зголемуваат и доколку сметката за потрошената енергија е зголемена за 30% од вообичаено. Законското решение треба да му овозможи на потрошувачот да не ја плати се додека инспекција не утврди дали добро функционирало броилото или дали навистина се работи за зголемена потрошувачка.
– Целта на законските измени е да се стави крај на монополското однесување на енергетските компании – коментираат бугарските надлежни институции.

Вечер

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1