Да останеше со нас Тоше денеска ќе наполнеше 33 години – Фото од неговите родендени


tose rodenden

Требаше да биде неговиот 33-ри роденден, но се само сеќавања, чествување за неговиот голем талент, за неговото големо хумано срце.

Најсилната од сите пораки, тошевата песна, и денеска ги допре срцата на неговите блиски, неговите фанови.

Фондацијата на Тоше Проески се грижи за неговите спомен и дело.

– Кога човекот го слави својот роденден најблиските го даруваат со најубави желби и подароци. нашиот Тоше не е меѓу нас. Не е тука да му ги подариме најискрените желби. Болката и тагата не престануваат.

tose4

Фондацијата се обидува да го прави она што тој најмногу го сакаше, им подарува и да ги прави среќни своите фанови.

Загина на 16 октомври 2007 во сообраќајна несреќа во Хрватска. Постхумно е прогласен за заслужен граѓанин на Македонија. Денот на неговиот погреб, 17 октомври, беше прогласен за Ден на Национална Жалост.

Кажано од Тоше

– Не сакам да ми симнувате капа. Само сакам да се гордеете со мене.

tose2

– Кога ќе ви одземат сè, ќе ви останат двете раце, составете ги една до друга за молитва… Tогаш ќе бидете најсилни.

– Никогаш не би се откажал од пријателите. Секогаш би бил со нив. Во добро и во зло. Во добро да се радувам, во зло да помогнам.

– За љубов би се борел до крај. За љубов сум спремен на сè!

– Секоја жена на овој свет заслужува, барем во очите на еден маж во еден момент, во една секунда, макар тоа било и само еднаш во животот, да се почувствува најпосакуваната жена на светот и ако цел живот ми помине во тоа, ќе знам дека не сум го протрошил залудно.

Фото – Теа Модерна

Срцето на Тоше затрепери, па се смири – Др Гргиќ за Дневник се сеќава на кобното утро
СЕЌАВАЊЕ – Продолжи Тоше да пееш, на небото, придружуван од ангелите
Времето кога ангел чекореше на земјата – Тоше – неговите фанови не дозволуваат да избледи споменот на него

ЗА ТОШЕ !

Тодор „Тоше“ Проески (25 јануари 1981 – 16 октомври 2007)

Една од најголемите ѕвезди на балканската музичка сцена.
Музичката кариера ја започнува со настапот на прилепскиот фестивал Мелфест во 1997, каде што и победува изведувајќи ја песната Yesterday од Битлси. Патот кон ѕвездите му го отвораат песните Пушти ме (1997) и Остани до крај (1998). Има блиска соработка со голем број на влијателни балкански и светски музичари и композитори.

Негов заштитен знак е познатиот израз Ве сакам сите.

Ова е видео со последното интервју на Тоше снимено само ден пред да не напушти засекогаш.


Првите почетоци на музички план Тоше Проески ги прави уште во раното детство настапувајќи на детскиот фестивал „Златно Славејче“ во 1992 година со песната „Јас и мојот дедо“ испеана на влашки јазик.

Во 1997 година победува со изведбата на Yesterday на Битлси. Истата година учествува и на “Макфест” со композицијата “Пушти ме”.

Тоше работи со еден од најпознатите македонски композитори и текстописци Григор Копров, соработка која ќе му донесе два од најголемите хитови Усни на усни и Сонце во твоите руси коси. Во 1999 година го издава својот деби-албум “Некаде во ноќта” кој содржи единаесет песни. Летото истата година, Тоше го одржува својот прв концерт, кој, и покрај дождот и лошото време, останува незаборавен за неговите обожаватели.

Втор албум “Синот Божји” кој е промовиран во јуни 2000 година. Албумот ќе даде голем број хитови во опусот на Тоше, како “Немир” (дует со Каролина Гочева), “Во коси да ти спијам”, “Излажи ме уште еднаш”, како и “Илузија” и “Тајно моја”, две песни компонирани од Кире Костов, (со втората го освојува второто место на фестивалот “Сунчане скале” во Херцег Нови, Црна Гора).

Српската продукциска куќа “BK Sound” ги откупува правата за издавање на следниот албум на Тоше на просторот на поранешна Југославија, што пак ќе резултира со Оскар на популарноста на просторот на поранешните југословенски републики за 2000 година, како и со целосно распродани концерти во Скопје и Белград. Во 2001 година Тоше, заедно со неколку други македонски пејачи, отпочнува турнеја низ Австралија.

Ѕвездена слава
Откако минува одредено време заедно со својата нова менаџерка Лилјана Петровиќ снимајќи во студио во Атина, Грција, Тоше го пушта во продажба својот трет албум “Ако ме погледнеш во очи” на македонски и српски јазик. Следи период на интензивна промоција во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Бугарија. Во април 2003 година, Тоше победува на фестивалот “Беовизија” со песната “Чија си” која станува огромен хит во поголем дел од балканските републики.

Со цел да го подобри своето пеење, Тоше оди на часови кај маестро Вилијам Рајли во Њуjорк кој е в својата кариера е и учител на Лучијано Павароти.

Следната година МРТВ го избира Тоше за претставник на Евровизискиот настап кој се одржува во Истанбул, Турција, избрана е песната Ангел си ти. Во април Тоше го издава албумот “Ден за нас”, двојно це-де на кое се сместени осумте песни изведени на изборот за песна на Евровизија.

Следниот месец, Тоше го освојува 14тото место со песната “Life”, англиската верзија на “Ангел си ти”. Пред изборот, станува омилена личност меѓу репортерите, преку демонстрација на неговите инзворенди оперски квалитети на прес-конференциите.

Во 2004 година, именуван е за Амбасадор на Добрата Волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја снима песната За овој свет која има и англиска верзија – This World и која станува химна на УНИЦЕФ. Тоше потпишува договор со Dallas Records за издавање на неговиот следен албум во Хрватска и Словенија. Тоше ја снима “Krajnje Vreme” со словенската пејачка Ања Рупел.

Во 2005, неговиот петти албум “По тебе” е издаден низ целата територија на поранешна Југославија. По тебе е сѐ уште еден од најуспешните албуми било кога издадени на Балканот – неколку недели останува на врвот на листите во Република Македонија, Србија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина. Сингловите од овој албум пак, со месеци се задржуваат на највисоките места на музичките топ списоци во овие земји.

Неговиот следен албум – Божилак – е компилација на 14 избрани македонски народни песни пропратени од симфониски оркестар. Во 2007 година, Тоше го издава и Игри без граници – неговиот последен албум.

Тоше Проески исто така се потврдува и на полињата на компонирањето музика. Има напишано неколку песни за себе – Има ли ден за нас?, Слушаш ли?, Малечка и Полско цвеќе. Во 2004, Проески ја компонира и Муза – голем хит за Мартин Вучиќ и наслов на неговиот следен албум. Во едно интервју, Тоше има речено дека има повеќе од 100 искомпонирани и напишани песни за кои чека прав момент за да ги издаде.

Концерт во Белградска Арена


Нa 14 февруари 2007 година, Тоше одржа спектакуларен концерт во српската престолнина – Белград. На неговиот концерт присуствуваа помеѓу 15 и 20 илјади луѓе од сите генерации.

Концертот се одржа во Белградската Арена, најубавата сала за концертни, културни и спортски активности на Балканот.

Го започна концертот со песната Пратим те (македонска верзија По тебе), а потоа се изнаредија сите негови хитови од српската фаза на неговата кариера, со исклучок на Тајно моја, која публиката на течен македонски ја испеа хорски, од прв до последен збор.

“Ова е најсреќен ден во мојот живот. Првпат ми се случува концертот кој уште да не е почнат, јас се плашам дека ќе заврши” – рече Тоше по неколку испеани песни.

Победа на Хрватски радиски фестивал
Најпопуларниот македонски пејач Тоше Проески, го продолжи искачувањето кон врвот на балканската музичка сцена со победата на Хрватски радиски фестивал на 9 јуни 2007 година. Тој со песната Veži me za sebe, сосема заслужено освои Гран при во категоријата поп рок и урбана музика, освојувајќи вкупно 16.589 гласови.

Третиот голем концерт на Градски стадион

Под мотото „Образованието е одговорност на сите“ поп-ѕвездата Тоше Проески, на 5 октомври 2007 во 19:30 часот, одржа спектакуларен хуманитарен концерт на Градскиот стадион во Скопје, поддржан од организацијата УСАИД. Парите од билетите, кои чинеа 200 денари, се искористија за петгодишниот проект за основно образование финансиран од фондацијата, за реновирање околу 100 училишта во Македонија. Тоше истакна дека „Никола Карев“, училиштето во кое учел во Крушево, забрзано се реновира.

Таа ноќ Тоше максимално ѝ се даде на македонската публика. Особено запаметено останува неговото барање: “Сликајте ме со ѕвезденото небо”, кога илјадници мобилни телефони и запалки светнаа на неговите романтични рефрени.

По завршувањето на концертот, на Тоше и на неговите колеги им беа доделени статуетки Мајка Тереза, од истоимената фондација, како знак на благодарност за хуманото дело. Тоше ја предаде статуетката на неговата мајка Доминика, која му ја всадила хуманоста од мали нозе. Додека се случуваше сето тоа, небото над Скопје, го осветлуваше величествен огномет во чест на Тоше.

TОШЕ сакаше опера, сакаше стара македонска музика, ја пееше насекаде. Во автомобил, на собиранки со другарите,  дури и под туш.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1