Mора итно да се одложи Законот за задолжително социјално и здравствено осигурување е заедничкиот став на потписниците на синдикалната Повелба. Тие ќе побараат прием кај министерот за труд и социјална политика Диме Спасов. Потписниците на Повелбата бараат да се одложи примената на овој закон која треба да важи од први јануари следната година.
Исто така, бараат преку засилени инспекции на Инспекторатот за труд да бидат отстранети случаите на прикриен работен однос. Потписниците на Повелбата денес организираа дебата на која се разговараше за опциите како да се реши проблемот со спорниот закон.
Заклучок на сите учесници е дека овој закон може само да донесе поголеми проблеми.
– Со овој закон работниците ги губат и оние малку права кои ги имаат. Работодавачаите намосто договори за вработување ќе склучуваат договори за дело со нововработените лица, па дури и со веќе вработените лица. На тој начин, тие ќе си ги исполнат финансиските обврски кон државата, но ќе заштедат на грбот на работниците врз основа на неисплата на надоместоци за годишен одмор, надоместоци за боледување, задолжителни систематски прегледи, опремнини за вработените кои ги отпуштаат и друго – велат од потписниците.
Синдикатите разговараа и за можноста законските одредби да бидат оспорени пред Уставен суд, иако не се многу оптимисти.
Потписниците на Повелбата за солидарност на синдикатите и здруженијата за заштита на работничките права се: Синдикатот на УПОЗ, Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Синдикатот на македонската дипломатска служба, левичарското движење „Солидарност“ и движењето за социјална правда „Ленка“