Данската тинејџерка Лиза Борк ја убила својата мајка, нанесувајќи и 20 удари со нож по телото, откако повеќе часови пред тоа на Јутјуб гледала сцени од егзекуциите што го извршуваат џихадистите од групата Исламска држава (ИД).
Бруталното убиство е извршено во октомври минатата година, кога Борк имала 15 години, во нивната семејна куќа во едно мало село на полуостровот Јиланд.
Убиството го извршила додека мајка и спиела. Потоа ја повикала полицијата на која и раскажала лажна верзија за убиството, тврдејќи дека слушнала врисоци од собата во која спиела мајката и дека забележала непознат „бел човек“ како бега.
На денешното судење обвинителот објасни дека истрагата брзо ја открила силната исламистичка радикализација на која била изложена обвинетата.
На нејзиниот компјутер полицијата пронашла бројни видео снимки од ИД, пропагандни видео материјали за оваа исламистичка милитантна група, како и видео материјали од егзекуциите што ги извршил „џихадистот Џон“ врз двајца заробени Британци со отсекувањето на нивните глави.
За радикализацијата на Борк е обвинет еден неименуван муслиман со кого таа била во врска и кој по извесно време исчезнал, а потоа и еден 39-годишен Ирачанец со кого таа се зближила, откако се запознале во еден центар за бегалци.
Тој бил во куќата на Борк, гледајќи заедно со неа видео материјали за ИД и кога таа ја убила својата мајка.
Во еден момент обвинетата се обидела да ја убеди истрагата дека Ирачанецот е виновен за смрта на мајката, но формално тој е обвинет само за радикализацијата што ја извршил врз данската тинејџерка.
На судењето како сведок се појави и нејзиниот очув, кој изјави дека Лиза е „опасно радикализирана“ и ја опиша како силен поддржувач на ИД и на сите акции на оваа група. Очувот стравува дека младата девојка во затворот каде ќе ја издржува казната, може уште повеќе да се радикализира.
Обвинителот го извести судот дека истрагата открила оти Лиза Борк планирала да замине во Сирија и таму да им се приклучи на џихадистите.