Првични анализи извршени во лабораторијата на Институтот за јавно здравје, соопшти Министерството за здравство, покажуваат дека од осум испитани мостри, две од нив не одговараат микробиолошки од фирмата Фобас компани, поради изолирани бактерии од родот Псеудомонас, специес путида.
Станува збор за условно патогена бактерија, која нема директни негативни последици врз здравјето на луѓето, а изолирана е во број над дозволениот вкупен број во милилитар согласно параметрите дефинирани во Правилникот за добра производствена пракса.
По добивање на службениот резултат од овластената здравствена установа, ДСЗИ веднаш ќе ги забрани за промет и ќе нареди нивно поништување или ќе побара стручно мислење за можноста од нивна пренамена или преработка.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), во врска со информациите за здравствената безбедност на производот Косили, изврши вонреден инспекциски надзор во производството и прометот во Фобас Компани, ул. Источна Индустриска зона бб дел 3 Маџари, Андрос-фарм ДО Охрид, Алкалоид, Галафарм и Интер-козметика ЛТД Доо.
Исто така, се земени мостри од промет на мало во тровија и во аптеки. Во текот на надзорот земени се вкупно 31 мостра за испитување на безбедноста, односно за микробиолошка и хемиска анализа. Поконкретно, се земени две мостри од фирмата „Фобас Компани“ и една мостра од „Андрос – фарм“ ДО Охрид, а останатиот број од прометот на мало.
Контролите од останатите три производители покажаа дека истите се согласно законските прописи за добра производствена пракса и дека нема производ што наликува со наведениот производ Копсили.