Делчевски фирми во акција за изработка на заштитни маски


Делчевски фирми експресно одговорија на повикот на општина Делчево и се вклучија во набавката и изработката на платнени маски за лице за потребите на граѓаните во насока на заштита од заразата од КОВИД-19.

Како што информираа од општината фирмата Алпин-ком донираше материјал за изработка на 4.000 маски, а во акцијата се вклучуваат и други конфекции.

-Во акцијата се вклучува и конфекцијата „Дамјанов” која ќе ги изработува маските, додека „Фротирка” помогна во набавката на потребните репроматеријали. Деновиве и конфекцијата „Игматоми” која има свој погон во с. Разловци изработи маски за лице и ги подели бесплатно на жителите во селото, а во тек е акција на фирми од Делчево со која се собираат средства за набавка и на други потребни материјали за заштита, соопштија од општината.

Акцијата според градоначалникот Горан Трајковски е вистинска реакција на одговорни и солидарни луѓе во време на криза.

-Јас изразувам јавна благодарнот за солидарноста на овие фирми и следејќи го овој пример очекувам поддршка во борбата за зачувување на здравјето на нашите сограѓани и од други фирми и поединци. Сега е време за сериозни одлуки и постапки, сега е време да си помагаме едни на други и да обезбедиме заштита за сите наши граѓани, истакна Трајковски.

Основните заштитни средства за заштита против зараза од КОВИД-19, кои ќе бидат изработени во рамки на оваа акција, според планираното ќе бидат наменети за надлежните служби кои се на првите линии во борбата со заразата како и за сите граѓани на Делчево.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1