Празникот на Христовото вознесение – Спасовден спаѓа во големите христијански празници, се празнува 40 дена по Велигден и секогаш е во четврток. Четириесет дена по воскреснувањето Исус им се јавувал на своите ученици и ги подготвувал за нивната идна активност. Во овој период луѓето сè уште се поздравуваат со христијанскиот поздрав „Христос воскресе“ (Христос воскресна) и си отпоздравуваат со „Воистину воскресе“ (Навистина воскресна).
менден празнуваат: Спасе, Спасија, Спаска…
Празникот Вознесение Христово се празнува во спомен на вознесувањето на Исус Христос на небото. Четириесеттиот ден по Воскресението Исус за последен пат им се јавил на своите ученици, ги собрал на едно место, во селото Витанија, биле единасетмината (бидејќи Јуда по предавството се обесил) и им соопштил дека сè уште не треба да одат од Ерусалим зашто наскоро врз нив ќе слезе Светиот Дух и ќе ги исполни со сила. Со таа сила вие ќе крштевате, како што свети Јован крштеваше со вода, им рекол тогаш Исус. Потоа се подигнал и облак го кренал на небото, а тој застанал до Богот Отец. На местото пак, каде што стоел останала длабнатина од неговите стапала.
Во спомен на овој настан Светата христијанска црква го востановила празникот Вознесение Христово или Вознесение Господово кој уште се вика и Спасовден, зашто се празнува денот на Спасителот на светот – Исус Христос. Иако е востановен уште во апостолски времиња, празникот на вознесението не се празнувал одделно на четириесеттиот ден по Велигден туку во Педесетницата биле слеани повеќе спомени и тука бил стопен и овој спомен. Дури во крајот на IV век тој спомен е одделен од Педестиницата, кога се празнува слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, празник познат и под имињата Духовден (Дуовден) и Света Троица.
Во книгата „Дела на светите апостоли од светиот апостол Лука“ се зборува и за вознесението на Исус. Притоа се вели дека Исус на апостолите им се јавил жив, како што им се јавувал за време на четириесетте дена кога им зборувал за царството Божјо. „И собирајќи ги Он им заповеда: Не оддалечувајте се од Ерусалим, туку чекајте го ветувањето од Отецот, за кое сте слушале од Мене. Зашто Јован крштеваше со вода, а вие не по многу дни од денес, ќе бидете крстени со Светиот Дух“. Со ова Исус го најавил слегувањето на Светиот Дух врз апостолите како и она што подоцна ќе се случи и во кое тие ќе бидат активни учесници. „…но ќе примите сила, кога врз вас ќе слезе Светиот Дух; и ќе Ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и дури до крајот на земјата. И штом го рече тоа, додека тие го гледаа, Он се подигна и облак Го подзеде од пред очите нивни. И додека гледаа кон небото, кога се вознесуваше Он, одеднаш пред нив застанаа двајца мажи во бела облека и рекоа: „Луѓе Галилејци, што стоите и гледате кон небото? Овој Исус Кој од вас се вознесе на небото ќе дојде пак по истиот начин, како што Го видовте да оди на небото“. (Дела 1/1-11)
Овој настан се споменува и во евангелските текстови, поточно во Евенгелијата на Марко и на Лука. „А по разговорот со нив, Господ се вознесе на небо и седна од десната страна на Бога. Тие пак отидоа и проповедаа насекаде: и Господ го поткрепуваше словото нивно со чудеса, што се јавуваа. Амин.“ (Марко 16/19-20) Овој настан се споменува и во Евангелието според Лука: „И ги изведе надвор од Витанија, па кога ги подигна рацете ги благослови. И кога ги благословуваше, се оддели од нив и се вознесе на небото; тие му се поклонија и се вратија во Ерусалим со голема радост. И беа постојано во храмот, каде што го прославуваа и благословуваа Бога. Амин.“ (Лука, 24/50-53) Така, според овие сведоштва, Исус се вознесол на небото, а неговите ученици се вратиле во Ерусалим каде што го прославувале и благословувале во храмовите.
Местото од кое Исус се вознесол на небото веднаш станало култно место. Светото предание запаметило дека на тоа место долго се познавале отисоците од неговите стапала, а царицата Елена (мајката на царот Св. Константин) наредила тука да се изгради голема и убава црква којашто подоцна била урната од Сарацените.
Светиот Епифаниј, епископ Кипарски, анализирајќи ги величината и вредностите на празникот Вознесение, вели дека многу луѓе, бидејќи не ја познаваат величината на овој празник, го сметаат понизок од другите. Меѓутоа, како што е главата украс на телото, така и празникот Вознесение е украсот на сите празници, односно тоа е полнотата на сите Господови празници. Прв празник е страшното и чудесно раѓање Христово во тело. Втор е празникот Богојавление, кој има поголемо созерцание од првиот. Трет празник е Воскресението, кој се покажа пославен од претходните, затоа што беше победена смртта, но и тој ја немаше полнотата на радоста бидејќи Христос сè уште се наоѓаше на земјата. Меѓутоа, празникот Вознесение исполни се со радост, затоа што Христос, откако ги отвори небесата, ни покажа чудна глетка, т.е. нашето тело издигнато на царски престол. Следствено, вредноста на Вознесението се наоѓа во тоа дека човечкото тело, кое беше обожено преку неговото соединување со Божјата природа од личноста на Логосот, седи на царскиот престол, оддесно на Бога Отецот. Кога Исус се родил, дури и кога почнал да го проповеда своето учење луѓето не го гледале во него Спасителот. Како што беше споменато на едно место тие очекувале поинаков спасител, човек што ќе ги ослободи од ропството. Го исмевале, го клеветеле, дури и го распнале на крст како што им се правело на најголемите злосторници. Дури со неговото вознесение многу тајни се разјасниле, многумина се увериле дека тој е Спасителот на светот.
Но и светиот Атанасиј Велики осврнувајќи се на два Господови празници, т.е. на Воскресението и Вознесението, вели дека Воскресението им ја дарува на луѓето победата над смртта, а Христовото вознесение го воведува човекот на Небото и, менувајќи го човековиот начин на живот на земјата, го прави небото пристапно за него. Следствено, едно е победата над смртта, а друго е издигнувањето на човечката природа на Божјиот престол. Токму затоа и можеме да ја видиме и возвишеноста на Вознесението, или, за да се изразиме подобро, совршеноста и полнотата на Божјиот Домострој со овој настан.
Интересни се гледањата на некои свети отци поврзани со Вознесението. Така, на пример, светиот Григориј Палама вели дека Воскресението е поврзано со сите луѓе, а Вознесението е поврзано само со светителите. Тоа се вели од аспект дека со своето воскресение Христос ја победи смртта и на сите им го даде дарот на воскресението. Сите ќе воскреснат во денот на Христовото второ доаѓање, и праведници и грешници, но нема сите да се вознесат. Само праведниците, обожените, ќе се удостојат со тој голем опит.
Светиот Григорој Палама уште вели дека и пред Христа имало и вознесенија. Во Стариот завет се вели дека дух го зел пророкот Еремија, ангел го зел Авакум, повеќе од сите, пророкот Илија се вознел на огнена кола. Вознесението на сите овие било на некој начин преместување кое ги издигнало од земјата, но не ги извело од неа. Значи, никој од нив не ја надминал земната атмосфера. Исто така, оние кои воскреснале и се вратиле на земјата, по некое време пак умреле. Меѓутоа, Христос воскресна и смртта нема власт над Него, а бидејќи се вознесе на небесата, секое издигнување е пониско од Него.
Црковните песни што се исполнуваат на овој ден како и во деновите на претпразненството и попразненството се исполнети со радост и тага. Радосни се апостолите зашто до крај се исполниле зборовите на Исус. Песните што се пеат во оваа пригода содржат радост зашто Исус заминал на небото, но содржат и тага зашто апостолите и народот остануваат сирачиња без својот Господ на земјата. Во таа смисла и во тропарот посветен на овој ден се пее: „Си се вознел во слава, Христе Боже наш, и си ги израдувал учениците со ветувањето на Светиот Дух, а со благословот си ги уверил дека Ти си Син Божји, Избавителот на светот“.
Со празникот Спасовден се поврзани голем број обичаи и верувања од кои поголемиот број имаат претхристијанско потекло. Во таа смисла истражувачите на празничните обичаи и верувања истакнуваат дека времето кога се празнува Спасовден отприлика се совпаѓа со времето кога во претхристијанскиот период се празнувал празникот на божеството Спас, кое меѓу многуте божества ја имало улогата на заштитник и спасител на луѓето. Се верувало дека врховниот бог Перун од небото испраќал молњи и громови како и градоносни облаци, а божеството Спас со житен клас во раката ги спасувало посевите.
Во таа смисла е и песната „Свети Спас го обиколува полето“ во која се опева токму ваквата улога на светецот што ја наследил од старото паганско божество.
Свети Спасе зелен класе! Свети Спасе коња кове,
коња кове за полето, да си иде ју полето,
да си види берикето, арен ли е, добар ли е,
или си е како што е? Море мале, стара мале,
есеното са класуе, пролетното са никнуе.
Љутен ојде смешен дојде, свети Спасе зелен класе!
На овој ден луѓето ги посетуваат црквите што го носат името „Свети Спас“ и носат разни подароци. Некои за здравје преспиваат под иконата, а други кога ќе се разболат се ветуваат (се таксуваат) дека еден период ќе служат во црквата. Во радовишкото село Ињево, како што е забележано во некои записи, на овој ден се правел голем собор. За курбан се колел бик кој се готвел на средселото и се послужувале сите присутни. Во Гевгелиско, пак, се верувало дека Свети Спас е тежок празник и аталија, дека тој може да спаси, но и да казни. Луѓето што одгледувале свилена буба на овој ден береле шума и кога ќе дојдело времето на свилената буба да и се дава шума најпрвин ја давале шумата набрана на овој ден.
Меѓу верувањата поврзани со овој ден се и оние запишани од М. Цепенков. Имено, тој на едно место запишал дека „нефелало да се работи навечер од Велигден до Спасовден, за да биди добар бериќетот и да не биди скапија“, а на друго место во врска со баењата запишал дека водата од Кривата Воденица што се наоѓала на патот кон Магарево, најлековита била од Величетврток до Спасовден. „Од ден Величетврток ќе заватат да одат кај Кривата Воденица битолчани и од селата да се мијат од водата и да се вртат на колцето, до ден Спасоен“.
Во еден запис за црквата „Свети Спас“ во Штип се вели дека е изградена „во времето на северномакедонскиот кнез Константин во втората половина на XIV век, поточно во 1369 година“, односно дека е изградена од Димитар, војвода на Константин, а Константин во 1388 година и подарил на црквата неколку села заедно со селаните. Во овој запис уште се истакнува дека на празникот Спасовден камењата на црквата однадвор ги завивале со волнени конци. Тоа го правеле жените без деца коишто верувале дека Господ ќе ги удостои со рожба ако на празникот црквата ја замотаат со волнени конци.
Во минатото интересни обичаи поврзани со овој празник се одржувале во Голо Брдо, област со македонско население што по поделбите на Македонија останала во Албанија. Во селото Дренок на Спасовден носеле крсти (литии). Секоја куќа крстите ги пречекувала со софра на гумното. На софрата задолжително имало леб, а врз лебот каленица со пржени јајца со сирење. Лушпите од јајцата ги ставале на гранки и ги фрлале во оган „за од очи“, но и за црви да не го јадат пиперот. Поворката со крстите три пати обиколувала една смрека, каде што имало и капела, а учесниците во обредот земале од смреката по едно парче кое им служело за лек, кога некој ќе се разболел го каделе со тоа дрво. На Спасовден литии носеле и во селото Стеблево. На секоја нива крстите ги чекал домаќинот, а попот пеел молитви. Во секој дом пак, имало поставена трпеза. Тоа го правеле и христијаните и муслиманите. Кај местото Чукнитопан поворката одмарала, а тука се играло и оро. Местото така го викале бидејќи некогаш тука имало стража која со удирање во тапан давала знак дека патот низ Дервен (над Јабланица), што водел од Голо Брдо кон Струга е слободен.
Кога станува збор за празникот Спасовден и народните обичаи и верувања поврзани со него, интересно е празнувањето на четвртоците од Велигден до Спасовден што се викаат Велики четвртоци. Тогаш не се работи особено не се прега јарем, за град да не го уништува полето. Ова верување е остаток од претхристијанскиот период кога кај Словените четвртокот бил ден посветен на врховното божество громовникот Перун и бил нарекуван Перунов ден. Овие пагански верувања црквата настојувала да ги искорени и преку свештениците постојано му укажувала на народот. Така на пр. Кирил Пејчиновиќ во своето дело „Огледало“ на овој проблем му посветил поголемо внимание. „Во едно село видох поп ореше во четврток, а прости сиромаси христијани некнижни отидоа да му строшат ралото и го учат попотого, му велат: „Денеска ли најде да работиш, поп чоек и книга знаеш!“ И попот им вели това: „Дека знам книга, знам зошто не се држит денес. Ем сом прашал духовници, сом прашал и владика, ми рекле: четвртоци не се држат, ни петоци, салт недели и други велики празници.„ Они му велат: „Кога така, от сега не слушамо никого, ни духовник, ни владици, салт што сме нашле ќе држимо. Кога ќе ни утепат град, попови што ќе ни поможат после и владици? И ти попе ако држиш ка што држимо мије, ако ли не, а ти стани од селово, мије таков поп неќемо.“ Пак попот виде не виде стори се каил да држит како ќе го учат мирјаните. Со све знаеќи, се стори ка да не знае, со све очи се стори како слеп, отиде не слеп по слепого, туку окат по слепого, помниште ради суетнаго века сего. Олеле безумие! Олеле безверие! Олеле безстрашие!“
И јеромонахот Јосиф од Кичевскиот манастир Пречиста во една беседа кажувана во цветоносната недела против некои суеверија што фатиле корен меѓу народот, ги споменува и величетвртоците чие држење како празник, исто така, го нарекува суеверие. Во ова беседа објавена во цариградскиот весник „Новини“ во 1893 година се вели: „А за празниците Господски од неделите башка сме разбрали оти појќето рисјани не прашуат попот, али некој книжоен црковник, да им кажет кои сет за држење кои не, туку сами по свое знаење си наредиле и свои празници: Летник (1-иј март), Чуруци (Св. м-ци Кирик и Јулита). Седум величетвртоци по Велигден за град да не биел по бериќетот, Прокопија, за да не се прокопат седбите…“ Итн.
Очигледно е дека празникот Вознесение Христово – Спасовден е голем празник кој има значајно место во животот на нашите православни христијани. Но очигледно е дека во народните верувања поврзани со овој период од годината среќаваме остатоци од претхристијанско време, многу суеверие кое се одржало до денес и покрај настојувањето на црквата да го искорени. Сепак, дури во најново време овие суеверија исчезнуват со забрзано темпо зашто „наглавата урбанизација ги корне древните обичаи посилно од секаква проповед.“
Тропар
Вознесение Христово
(Спасовден)
Си се вознел во слава, Христе Боже наш, и си ги зарадувал учениците со ветувањето на Светиот Дух, а со благословот си ги уверил дека Ти си Син Божји, Избавителот на светот.
Спасовден во Битуше
Празникот Спасовден секогаш се слави четириесет дена по Велигден. Датумот го менува, како и Велигден, но денот не. Секогаш се празнува во четврток.
На Спасовден за последен пат во тековната година се вапцуваат црвени велигденски јајца, а бојата од котлињата или тенџерињата во кои изминатите 40 дена се вапцувале велигденските јајца се истура во чиста вода во селската река. Котлето или котлињата се измиваат и се оставаат на сигурно место, до идната година на величетврток.
Во претпладневните часови на Спасовден се оди на празничен излет во месноста Покладишќа, каде што сега е изграден мошне убав црковен храм „Св. Спас“. Се носат црвени велигденски јајца нешто за пиење и јадење, се посетуваат лековитите изворчиња и чешмичиња, при што во водата за здравје се фрлаат метални парички. Овде се кршат и јадат последните црвени велигденски јајца.
По убаво поминатиот претпладневен излет на враќање за дома се кинат билки и се кршат гранчиња со штотуку формирани оревчиња. Потоа се оди на пладневна литургија во селската црква, каде што пред иконостасот се остават ореовите гранчиња, симболично означувајќи го формирањето на плодовите на родните дрвја.
Вечерта се оди на ракија во куќите во кои има крстено име Спасе.
Од книгата „Битуше, празници, традиции, верувања“, 2006.
Спасовден во Вевчани
Спасовден (Вознесение Христово) – овој пролетен празник во Вевчани се слави три пати во годината и тоа како пролетен, есенски и зимен празник. Во сите тие денови обичај е да се оди во манастирот Св. Спас (Горни). Таму се ноќева, се принесуваат дарови кои потоа се лицитираат и продаваат како приход за манастирот. Свети Спас се смета како заштитник на селото можеби затоа луѓето вовеле уште два празнични денови за него. Зимскиот празник е воспоставен заради печалбарите, а есенскиот за здравје на добитокот. Тоа се случило многу одамна кога во селото настанал помор на добитокот. Заради неговата заштитничка моќ, култот кон овој светец се проширил и кај другите жители од околните населби, особено во селото Велешта кое е од исламска вероисповед. А еве како се случило тоа:
Во селото Велешата пцовисувале кравите. Некој велештанец си работел на нивата ноќе. Одеднаш забележал како се дигнал син пламен од над Велешта и се упатил над полето вевчанско. Тогаш одозгора од кај планината над Вевчани му се пуштил црвен пламен. И тие двата се тепале, се тепале како петли кога се бијат. Тогаш синиот пламен паднал на земјата, а црвениот се вратил назад кон планината.
Утредента уште рано во Вевчани дошол човекот кој го видел тоа и им го раскажал на Вевчанци. А тие го прашале: „Веруваш ли ти во тоа?“ „Зошто да не верувам, рекол тој, кога јас го гледав цело време“. „Е, ако уште не ти пцовисале кравите твои да ги донесеш во Вевчани“, му рекле луѓето. Човекот го сторил тоа и така си ги спасил кравите.
Ете заради тоа почнале да го празнуваат овој ден Вевчанци, а култот кон Св. Спас го профатиле и другите.
Од книгата „Светилиштата во Вевчани“ од Анастас Ќушкоски, Струга 2002.