Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 7 јануари. Денеска е Собор на св. Јован Крстител.
Уште од првите векови Црквата утврдила овој ангел во тело да се прославува веднаш после празникот Боголавление. Тоа е затоа што неговата главна служба, неговото главно дело, се состоеше во подготвувањето на народот за доаѓањето на Помазаникот Исус. Така, иако свети Јован Претеча и Крстител се прославува на неколку пати во текот на годината, неговиот собор т. е. главен празник е на денешен ден.
Именден прославуваат Јовановци. Овој ден се вика уште и Женски Водици поради што главен збор во изведувањето на обичаите имаат жените. Покрај другото на овој ден жените одат по коледица, и тоа само по куќите од својата компанија. Најпрвин една девојка облекуваат во невестинска облека, таа бацува рака и ги собира подароците, најчесто пари. Одејќи низ селото водичарките пеат: „Појдов дојдов низ село / најдов сено косено…“ во дворот од куќата: „Овде дворје метени / овде моми плетени…“, во куќата на секој член од семејството му пеат посебна песна во зависност од неговата старост и положбата во фамилијата.
На домаќинот му се пее песната:
Домаќине Стамјанине,
дали пиеш или спиеш,
ако пиеш весели се,
ако спиеш разбуди се….