Детски АД-капки, нитроглицерин, антитетанусов серум, хормонот гестормоне, се само врв од пирамидата фалсификувани лекови на бизнисот вреден 1,6 милијарда долари што влегуваат во земјава по трасата Југоисточна Азија – Италија – Косово, велат експертите, пишува Нова Македонија
Здравствените темпирани мини или лажните лекови, како што милуваат да ги нарекуваат фармацевтите, убиваат милион граѓани на планетава секоја година, велат најновите податоци на Интерпол.
Во Македонија веќе има регистрирано случаи на лажни лекови, и тоа детски АД-капки, нитроглицерин, антитетанусов серум, хормонот гестормоне, вијагра и цијалис за потенција, диклофенат за реума. Лажните лекови најчесто влегуваат во земјава преку Косово, а доаѓаат од Југоисточна Азија преку Италија.
– Замислете што ќе се случи ако на човек што се бори за живот во моменти на инфаркт му се даде лажен нитроглицерин – станува класично убиство, а тој смртоносен лек го има во земјава – објаснува м-р Илчо Захариев, водечки експерт по фармација
Германија викендов ја алармира Светската здравствена организација дека пронашла фалсификат на инјекциите „пегазус 180“ од производителот „Рош“. Лекот засега бил дистрибуиран во неколку членки на ЕУ, во Пакистан и во Австралија.
Во нашиот сајбер-простор секој ден може да се видат огласи за продажба на лекови за потенција што чинат сто денари. Ниту еден таков сајт годинава не е затворен.
Здравствените работници препорачуваат купување медикаменти само во овластени аптеки и сметаат дека безбедноста ќе се подигне по новата европска директива за специјално обележување на пакувањата на легалните лекови. Тие ќе имаат редица заштити. Се очекува тоа да се случи веќе следната година. Дотогаш граѓаните треба да ги отворат и очите и да избегнуваат купување лекови на Интернет.