Центарот за јавно здравје Скопје вчера направил превентивна дезинфекција во училиштето каде учело 12-годишното девојче кое ненадејно почина вчера на Клиниката за инфективни болести и наложил мерки во однос на одржувањето на хигиената на работните простории, одржување на хигиената на рацете, се до добивање некои подетални информации за причината за смртта. Во тек е дезинфекција и на Клиниката за инфективни болести, јавува МИА.
Лилјана Лазаревска од Центарот за јавно здравје Скопје денеска изјави дека било констатирано оти последен ден кога 12-годишното девојче посетувало настава е 23 јануари. Посочи дека и сестричката на починатото девојче која оди во петто одделение била отсутна од училиште од 23 јануари.
– Нема место за паника. Други деца со слични симптоми нема. Отсутност на учениците нема зголемена што е вообичаено за овој период од годината и за изминатите години. Покрај училиштето Центарот за јавно здравје Скопје направи контакт со матичниот лекар каде детето се јавило на преглед и со Клиниката за инфективни болести каде имаше увид во историјата на заболувањето, истакна Лазаревска.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека за сомневањата во однос на дијагнозата не може да кажe ништо, би било на ниво на шпекулации.
– Детето имало зголемена температура која брзо прогресирала со течни проливи и состојбата за кратко време се влошила и веднаш било пренесено на Инфективната клиника. На матичен лекар се јавиле на 27 јануари при што детето имало зголемена температура и црвено грло. Клиничката слика се влошила истиот ден и вечерта од страна на дежурните служби добиен е упат за Клиниката за детски болести меѓутоа родителите одбиле да ја сместат таму и се упатиле на Клиниката за инфективни болести, појасни Лазаревска.
Дадени се упати, истакна, за изготвување анализа на двете деца бидејќи двете ги однеле на преглед, меѓутоа починатото дете одбило да даде крв додека на другото (на сестричката) му е земена крв и резултатите се негативни.
– Министерството за здравство формираше Комисија која ќе го испитува случајот и какви било други информации од нив ќе добиете. Што се однесува до нас како Одделение за епидемиологија ќе ја следиме натаму состојбата, дали мерките кои се наложени се спроведуваат, додаде Лазаревска.