Џелатот на сунитската џихадистичка организација Исламска држава (IS), идентификуван како Мохамед Емвази, или попознат како Џихади Џон, првпат објави видео снимка на којашто го покажува своето лице.
На видеото коешто го објавува The Daily Mail во траење од една минута, а е снимено во Сирија, британскиот џихадист Мохамед Емвази, кој е осомничен за најмалку седум убиства на заложници на Исламската држава, вели дека ќе „продолжи со сечењето глави и триумфално ќе се врати во Велика Британија“.
Видеото е снимено на мобилен телефон пред околу два месеца, во близина на градот Деир-ез-Зор во југоисточна Сирија, пишува весникот. Материјалот тајно е добиен од страна на сунитските бунтовници од Слободната сириска армија (FSA) која како „умерена“ вооружена опозиција ја поддржуваат западните земји. На снимката џихадистот е облечен во црно со капа и ќулафка.
Содржината на пораката на Џихади Џон на весникот му ја раскажал еден од активистите на FSA, според кого џихадистот вели „Јас сум Мохамед Емвази, наскоро ќе се вратам во Британија со калифот (челникот на Исламската држава Абу Бакр ал-Багдади – зм)“. Притоа истакнал дека „ќе продолжи да сече глави“ и да ги „убива неверниците“.
Џихади Џон е маскираниот џихадист кој е еден од главните ликови на видео снимките на кои припадници на Исламската држава ги обезглавуваат заложниците, е Британец роден во Кувајт, кој потекнува од богато семејство, израснал во Лондон и дипломирал компјутерско програмирање на Универзитетот Вестминстер.
Името Џон на Емвази му го дале заложниците, бидејќи него и другите британски државјани во редовите на Исламската држава и нарекле „битлси“. Едниот од џихадистите од Велика Британија, е идентификуван како Џорџ.
Претходно неше објавено дека 37-годишниот Емвази тврдел дека припадниците на тајната британска служба MI5 се обиделе да го регрутираат. Потоа наводно се обидел да отпатува во Кувајт, но на заминување го задржале припадниците на британските тајни агенции за борба против тероризмот во 2010 година. Му било забрането да ја напушти земјата, меѓутоа конечно во 2012 година, сепак, изнашол начин да отпатува во Сирија.
Откако Емвази беше идентификуван од страна на британските и американските служби како сигурен егзекутор на американскиот новинар Џејмс Фоли во август 2014 година, неговото семејство во Лондон е принудено да живее во постојано криење. Познато е дека неговата мајка и пет други членови од неговото семејство се под постојана заштита на британската полиција.