Дијалог на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Брисел


Претставници на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, денеска во Европскиот парламент во Брисел, со посредство на тројца европратеници и под окото на претставници на Европската комисија ќе имаат дијалог за решавање на политичката криза во Република Македонија.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, европратениците Иво Вајлг, Едвард Кукан и Ричард Ховит, во зградата на Европарламентот во Брисел се домаќини на Никола Попоски, Никола Тодоров и Илија Димовски (ВМРО-ДПМНЕ), односно Радмила Шеќеринска, Рената Треневска-Дескоска и Виктор Габер (СДСМ).

sdsm vmro

Tројката европратеници ја сочинуваат Вајлг, кој е и известувач за Македонија во Европарламентот, но и претставник на Алијансата на европските либерал-демократи (АЛДЕ), Кукан од Европската народна партија (ЕПП) и Ховит од Европските социјалисти и дмеократи (СиД). Тие во петокот наведоа дека овој дијалог ќе се одвива зад затворени врати.

Според она што беше најавено и на минатонеделниот Семинар за политичка култура во Европарламентот, на кој присуствуваше Шекеринска и двајца други пратеници од редовите на СДСМ, како и Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, европратениците не се очекува да понудат решение, туку тоа се очекува од Шекеринска и Попоски и нивните тимови, а Вајгл, Кукан и Ховит ќе се обидат да го олеснат дијалогот и да ги најдат заедничките точки за можен договор. Очекувањата од Брисел се враќање на СДСМ во македонското Собрание и ставање крај на политичката криза што ја оддалечува Македонија од евроинтеграциите, преку институционална и политичка разврска на случајот “Пуч”, односно формирање на собраниска Анкетна комисија.

Како што претходно објави МИА, покрај тројката европратеници и тројките на двете најголеми македонски политички партии, како набљудувачи на денешниот дијалог во Брисел се очекува да присуствуваат и по еден претставник на Генералниот директорат за проширување и соседска политика и на кабинетот на комесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан. Тоа се очекува да бидат Дејвид Кулен, кој е одговорен за досието “Македонија” во ГД за проширување и Катарина Грау од кабинетот на Хан, која исто така е одговорна за нашата земја.

Од кабинетот на еврокомесарот Хан, во петокот за МИА посочија дека никој од Европската комисија нема да има никаква олеснителна улога во понеделничкиот дијалог во Брисел и посочија дека ниту пред, ниту по состанокот не би сакале да даваат никакви коментари. Нивните надежи се дека дијалогот ќе успее.

Денешниот дијалогот на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се очекува да трае повеќе часови, за што е издвоен и термин од пет до седум часа во Европарламентот (од 11:00 до максимум 18:00 часот). Доколку истиот не успее, се најавува одржување на нов, кој би се случил по Велигденските празници, во втората половина на идниот месец, со место на одржување во Скопје или повторно во Брисел.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1