Пратеникот Илија Димовски на неговиот Фејсбук профил предложи нова локација за изградба на новиот Клинички центар, кој владата одлучи наместо на предвиденото место (каде што се наоѓа постоечкиот), да го гради во Бардовци. Според Димовски, ако веќе се менува локацијата, Петровец е многу подобро решение.
-Предлог иницијатива: Клиничкиот центар да се гради во општина Петровец!
Кога веќе Владата одлучила Клиничкиот центар да не се гради на претходно предвидената локација, време е да се предложат други решенија и алтернативи освен единственото за кое Владата размислува во Бардовци, на север од Скопје.
Изградбата на Клиничкиот центар значително подобро би било да се гради во општина Петровец во споредба со сегашната локација во Бардовци.
Причините се следни:
1. Општина Петровец се наоѓа на стратешки добро поставена позиција во чиј радиус од максимум 40 километри се наоѓаат четири големи градови: Скопје (10 км), Куманово (20 км), Велес (30 км) Штип (40 км).
2. Во балансиран радиус околу општина Петровец лесно и брзо гравитираат многу општини: Кавадарци, Неготино, Росоман, Градско, Чашка, Велес, Лозово, Свети Николе, Карбинци, Штип, Куманово, Старо Нагоричане, Липково, Арачиново, Илинден, Зелениково и градот Скопје.
3. Вкупниот број на жители на општините кои гравитираат на ова подрачје е околу 970.000 или близу половина од вкупниот број на жители на Република Македонија.
4. Општина Петровец е на инфраструктурно најдобрата позиција во Република Македонија. Тука е раскрсница за 4 автопатски правци:
– кон Велес и Гевгелија (јужно);
– новиот автопат кон Штип, кој ќе продолжи со експресни патни правци кон Кочани и Радовиш (источно);
– кон Куманово (север);
– кон Скопје, обиколница и кон Тетово, Гостивар (запад).
5. Во Општина Петровец се наоѓа и аеродром кој секогаш се користи и ќе се користи за превоз на пациенти кон регионалните и светски центри за лекување.
6. Во Општна Петровец има значително големи парцели на државно земјиште што ќе ја ослободи Владата од планираните трошоци за експропријација на приватно земјиште во Бардовци, општина Карпош.
Предлог иницијативата ќе биде понудена на поддршка на пратениците од сите политички партии со надеж дека ќе биде прифатена како надпартиска и со исклучителна намера да се донесат правилни одлуки во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Предлог иницијативата ќе биде доставена до Владата на Република Македонија и Министерството за здравство, со надеж дека ќе биде разгледана и прифатена, без разлика на тоа дека како иницијатива започнува по предлог на пратеник на опозицијата во Собранието на Република Македонија.
Се надевам на поддршка, совети и коментари од стручни лица кои ќе можат да ја збогатат оваа иницијатива, пишува Димовски.