До петок ќе биде познат статусот на Охрид во УНЕСКО


Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, на 43 сесија што се одржува во главниот град на Азербејџан, Баку, ја отвори расправата за состојбата на светското културно и природно наследство на Охридскиот регион и предлогот тој да биде ставен на Листата на заштитени подрачја во опасност.

Македонската делегација бара да не се носи таква одлука, односно да добие нов временски рок да се постапи по 19 барања на Реактивната мисија на УНЕСКО од 2017 година, кои во најголем дел не се исполнети. Конечна одлука не е донесена, а целиот случај ќе се разгледува уште еднаш до петок, во пакет со барањето за ставање под заштита на албанскиот дел од Охридското Езеро.

Стручната јавност, пак, смета дека во моментов најдобро за Охрид е државната делегација, во која е и градоначалникот Константин Георгиески, да побара Охрид да отиде на листата на светски наследства во опасност, како и да побара помош од експертите од УНЕСКО во справувањето со проблемите. Според нив, ставањето на Охрид на оваалиста не значи тргање на заштитата на УНЕСКО туку нејзино зајакнување.

Реактивната мисија на УНЕСКО во 2017 година утврди сериозно загрозување на заштитеното природно и културно наследство во Охридскиот регион и испрати 19 барања за подобрување на состојбите. Од нив целосно се исполнети само три, што според стручњаците, е аргумент повеќе да биде побарана меѓународна експертска помош за зачувување на универзалните вредности на Охрид. Особено што во институциите кои се најповикани во случајот седат ист ите луѓе кои не презеле ништо да се спречи уништувањето на Охрид каде, според официјалните податоци, има 1076 дивоградби, од кои над 400 се во заштитените зони.

Охрид е едиствено подрачје во Македонија под заштита на УНЕСКО и само едно од 38 места на планетата кои се под двојна заштита како природно и културно наследство, кое поради неодговорниот однос и негрижа во изминатите три децении е во опасност да ги изгуби уникатните вредности по кои градот е препознатлив во светот.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1