Како што веќе беше објавено, во саботата, новинарската екипа на „Нова Македонија“, била на местото на сообраќајната несреќа и пронашла четири фискални сметки од патарини, од кои се заклучува дека „мерцедесот“ на Младенов двапати едноподруго се движел од Скопје до Велес кобната вечер, при што, вториот круг траел 25 минути повеќе од првиот, и дека многу предемети кои можат да бидат употребени како докази не се собрани од местото на настанот
Главната и одговорна уредничка во весниците “Фокус” Јадранка Костова, исто така, тврди дека еден ден пред “Нова Македонија” и тие биле на местото на настанот и ја виделе истата слика.
-Не би сакала да ја коментирам истрагата, иако сето ова е чудно. Пред “Нова Македонија” и екипа на “Фокус”, вклучувајќи ме и мене, отиде на местото на несреќата да направи фотографии и ние, како и колегите од “Нова Македонија”, таму видовме и собиравме материјални докази. Имаше расфрлано делови од автомобилот, a пронајдовме и лични предмети на Младенов, вели Костова.
Анонимен извор за НОВА пак вели дека има правила како се води истрага, во вакви ситуација , едноставно кога нема очевидци се води по ситем на исклучување
-Секој пронајден предмет се означува, документира и се обезбедува. За овој тип на сообраќајка вообичаено се собира се што е на терен, а особено се значајни деловите на возилото бидејќи за да биде квалитетно вештачењето потребни се сите коцки во мозаикот. Единствено можеби некоја ситница како парче од скршен трепкач може да се сликне и да се остави. Значи зборуваме за ситници. Личните предмети, без разлика дали се тоа мастики, ливчиња, весници и слично, во секој случај мора да се соберат, вели нашиот соговорник кој сакаше да остане анонимен.
-Кога се прави увид на отворено мора да се биде многу внимателен. Прво тргнува една група и собира се пред себе, а потоа и уште една во случај првата група да направила превид и да испуштила нешто.
Полицискиот висок функционер за Нова сепак заклучува дека иако во овој случај треба да се почекаат конечните наоди на вештаците, искуството говори дека во вакви случаи истрагата подразбира особена претпазливост. А главните прашања кои треба да ги очекуваме, а на кои истрагата треба да одговори е како автомобилот на Никола Младенов го загубил правецот.
-Она што е очигледно овде е дека возилото изгубило правец. Зошто го изгубило правецот? Најлесно е да се каже дека се движело со голема брзина. И ако е тоа точно, повторно треба да се одговори како и зошто го изгубило правецот. Истрагата треба да ја покаже динамиката на несреќата.
Нова тв