СВР Скопје-Единица за насилен криминал, со кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје вчера ги предаде Н.А. (30) и Ф.Н. (30) двајцата од Скопје, осомничени дека завчера (13.04.) за време на одржување на ненајавен протестен собир на кој присуствувале околу 2000 граѓани, учествувале во толпа при што фрлале тврди предмети, го кршеле инвентарот и извршиле други оштетување на надворешноста и внатрешниот дел на објектот на народната канцеларија на Претседателот на РМ, предизвикувајќи значителна материјална штета со што сториле кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“.
МВР денеска соопшти дека за стореното кривично дело, предвидено и казниво по член 385 од КЗ, од страна на Судија на претходна постапка на двајцата пријавени, кои и досега се кривично пријавувани за кривични дела проследени со насилство, им е изречена мерка домашен притвор во траење од по осум дена.
Завчера околу 18,00 часот, по претходно ненајавен протест организиран од страна на НВО “Ајде“ и други невладини организации, се појаснува во соопштението, започнало собирање на поголема група на граѓани пред објектот на СЈО, каде изразувале поддршка за неговата работа, а протестирале против одлуката на Претседателот на РМ за аболиција на лицата поврзани со прислушуваните разговори. Откако претходно од страна на граѓаните кои протестирале била блокирана улицата пред СЈО, толпата се упатила кон народната канцеларија на Претседателот на РМ, каде од повеќе лица од толпата објектот била каменуван при што поголем број граѓани учесници во толпата вклучувајќи ги и пријавените извршиле оштетување на стаклата од објектот. По ова од страна на неколку лица учесници во толпата вклучувајќи ги и Н.А. и Ф.Н. е влезено внатре во канцеларијата каде е извршено оштетување на инвентарот, а пријавените изнеле дел од инвентарот на коловозот пред објектот, каде зедно со уште едно засега непознато лице го запалиле.
Откако кордонот од полициски службеници започнале да ја потиснуваат толпата во правец на Министерството за правда, стои во соопштението, толпата продолжила да фрла со разни тврди предмети при што е оштетен објектот на Министерството за правда и е повредено едно лице-новинар на медиумот “Плусинфо“. При поттиснувањето на толпата од страна на УПС од ЕБР, лишени од слобода се 13 лица, меѓу кои и двајцата кривичнопријавени и истите биле однесени во ПС ОН Центар за понатамошна постапка.
Во врска со настанот запознаен е Јавен обвинител и по прегледувањето на видео записи, од страна на Јавниот обвинител и полициски службеници од Единицата за насилен криминал е констатирано дека Н.А. и Ф.Н. активно учествувале во група врши оштетување на народната канцеларија на Претседателот на РМ, изнесување на инвентар од истата и опожарување на инвентарот на коловозот.
Во дадените изјави пред полициските службеници, пријавените, како и останатите 11 приведени во целост негираа каква било поврзаност со кривичното дело, односно дека биле присутни на протестот и дека мирно протестирале, што не соодејствува со утврдената факричка сосотојба од страна на ПС ОН „Центар“, за што против 11 лица се поднесени барања за поведување на прекршочна постапка по член 14 и 15 од ЗППЈРМ.