Почеток на школската година, подготвување зимница, подготовки за грејната сезона – стигнува септември познат како еден од потешките месеци во годината за семејниот буџет. Моливи, боички, материјали за на училиште, туршија, ајвар, лутеница, малиџано, кој не купил, набавува дрва за огрев и кога с` тоа ќе се собере на купче, излегува дека без дополнителни илјадарки не може ниту да се замисли да се истурка месецот.
И ако годинава трошоците за на училиште се пониски бидејќи родителите не издвојуваат пари за набавка на учебниците, а намалени се и цените на основните материјали за во училиште поради намалениот данок кој се спушти на 5 отсто, за сметка на тоа цените на зеленчукот и основните производи потребни за зимницата во моментов се изгор. Домаќинките коментираат дека повеќе би им се исплатило да прават џем и слатко отколку ајвар и туршија. Временските непогоди го намалија родот и ги зголемија цените на зеленчукот не само кај нас туку и во регионот.
Граѓаните велат дека не џабе се рекло дека септември тежи колку за два месеца.
Еден ученик најмалку две илјадарки
Школски ранец, тетратки, моливи, боички и ако на ова се додадат и парите што ќе се потрошат за набавка на нова есенска облека, подготовката на еден ученик ќе чини доста.
– Откако учебниците се бесплатни, трошоците се преполовени. Но сепак треба да се купат разни блокови, колажи, моливи, пенкала, гуми, острилки, линијари, чантички за прибор, разните видови боички. Пристојни ранци годинава може да се најдат и за 1.000 денари – коментира скопјанката Марија, која ја најдовме како ги споредува цените на училишните материјали во поголемите маркети во Скопје.
Вели дека има разлики во цените и препорачува повеќе шетање за да се избере најквалитетното по пониска цена.
– Забележав дека има разлики во цените и годинава има намалување на цените на основните
материјали за работа. Со внимавање на цените, иако изгледа ситно, ако се земе предвид дека купувам за две деца, излегува дека со малку математика може да се заштеди и при овие набавки – вели Марија.
Таа додава дека, сепак, најмногу ќе чини набавката на облека, која треба да се купи за постудените утра.
Слатко и џем наместо ајвар и лутеница
– Сите чекаме обично овој период за набавка на патики, фармерки и некоја потопла блузичка бидејќи децата брзо растат, па ништо не сте направиле ако сте набавиле во летните месеци, затоа што сега може да им бидат мали. А кога ќе се спореди, излегува дека токму таа набавка е потешка од училишната – вели таа.
Пиперки за ајвар по најмалку 30-40 денари за килограм, домат од 30 до 50 денари, карфиол по 80-90 денари, боранија 50 денари, зелка 20 денари за килограм… Цената на зеленчукот на зелените пазари и по маркетите никако да се спушти на пониско ниво пред вообичаените набавки за зимница. Граѓаните на шега коментираат дека повеќе им се исплати да прават мармалад и слатко за зимница отколку ајвар или туршија.
– Ние сме народ кој традиционално прави зимница. Но со оглед на високите цени на зеленчукот на зелените пазари тешко дека годинава ќе можам да си дозволам толкави количини колку што сум правела на времето. Мислам дека годинава зеленчукот не се спушти под половина евро. За разлика од тоа, праските, сливите за џем и за компоти се наоѓаат и по 20 денари. Не знам дали годинава на некого ќе му се исплати да прави зимница – коментира Јасмина од Скопје.
Dnevnik