Доналд Трамп ја победи Клингон – нов претседател на САД


Милијардерот Доналд Трамп несомнено е несекојдневна појава на американската политичка сцена, кој во текот на оваа претседателска кампања се етаблира како заштитник на средната класа, со што наиде на недвосмислено згрозување на припадниците на другите слоеви на американското општество.

Во текот на кампањата неговите настапи неретко беа на границата на скандал, а со своите изјави Трамп се замери со многумина, многу други заплаши, но на некои им влеа надеж дека тој ја претставува визијата за новата иднина на американското општество.tramps1

Трамп е роден во 1946 година во њујоршата населба Квинс како четврто од петте деца на успешниот бизнисмен Фред Трамп. По желба на неговите родители завршил Воена академија во Њујорк, по што се запишал на католичкиот универзитет Фордхајн, за конечно да го заврши своето образование на Деловната школа Вортон при Универзитетот на Пенсилванија во 1968 година.

По дипломирањето се вработил во компанијата за недвижности на неговиот татко „Елизабет Трамп и синот“, каде веќе во 1971 година е поставен за директор. Во следните години тој успешно раководи со компанијата, а во периодот на големиот бум на бизнисот со недвижности во САД во 80-те години на минатиот век, ја создава својата бизнис империја и стана еден од најбогатите деловни луѓе.

Освен со продажба на недвижности, неговата корпорација се занимава и со угостителство, транспорт, организирање игри на среќа и избори за Мис на САД и Мис Универзум, а поседува и неколку спортски клубови.

Во текот на глобалната финансиска криза во 2008 година Трамп доживеа огромни загуби, но веќе во следните години успеа да ја заздрави својата бизнис империја. Според проценките на магазинот „Форбс“, во 2011 година богатството на Трамп изнесувало околу две милијарди долари. Денес меѓутоа, тоа се проценува на околу 3,7 милијарди долари, иако постојат и непотврдени проценки дека тој поседува речиси пет милијарди долари.

Трамп е во брак со Словенката Меланија, која е негова трета сопруга. Претходно тој беше женет со Ивана Зелничкова, а потоа и со Марла Мејплз.

На пошироката јавност Трамп и стана познат како продуцент и водител на реалното шоу „Приправник“, кое во 2004 година се емитуваше на телевизиската мрежа Ен-Би-Си.

Своите политички амбиции Трамп ги најави уште во 1999 година, кога обелодени дека планира да застане на чело на Реформската партија и да биде нејзин претседателски кандидат. Меѓутоа, ваквите најави не беа реализирани се до јуни 2015 година, кога тој официјално ја промовираше својата кандидатура на прелименарните избори за републикански кандидат за претседател на САД, потенцирајќи дека сам ќе ја финансира својата изборна кампања.

Во текот на предизборната кампања тој најавуваше решавање на проблемот со илегалната миграција, промовираше контроверзни ставови во однос на абортусот и истополовите бракови и презентираше економски и фискални мерки, кои не наидоа на поддршка во експертската јавност.

Во делот на надворешната политика тој се залагаше за делумен изолационизам, жестоко се противеше на окупацијата на Ирак и на американската интервенција во Сирија и се промовираше како противник на глобализацијата.

Сега откако е избран за американски претседател останува да се види дали неговиот предизборен слоган „Да ја направиме Америка повторно величенствена“, претставува само популистичка парола на успешно осмислената предизборна кампања или тој навистина ќе ги спроведе промените во американското општество кои ги најавуваше.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1