Основниот суд Скопје II минатиот месец донесе првата пресуда со која се утврдува повреда на правото на еднаквост и сторена дискриминација по основ на политичка припадност во областа на работните односи.
Македонското здружение на млади правници (МЗМП) денеска информира дека Основниот суд Скопје II во постапка поддржана од МЗМП во рамки на Проектот на УСАИД за заштита на човековите права донесе првостепена пресуда со која се утврдува дека Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство на РМ како тужен, сторило дискриминација по основ на политичка припадност во областа на работните односи.
Со пресудата, како што посочуваат во соопштението од МЗМП, се забрануваат дејствија од тужениот со кои се врши дискриминација, се задожува да ги преземе сите потребни дејствија со кои ќе ја отстрани сторената дискриминација и да му исплати на тужителот правичен надомест за нанесената душевна болка предизвикана поради повреда на правото на еднаков третман.
– Тужителот бил вработен кај тужениот. Надвор од работното место тој бил политички активен како претседател на општински под-огранок на политичка партија и бил вклучен на листата на советници на локални избори. Во текот на своето работење тужителот своите работни задачи ги извршувал непристрасно, објективно и за своето работење бил оценуван со „се истакнува“ и „задоволува“. Тужителот добил решение за распоредување на пониска позиција, иако исполнувал услови за повисока позиција од причина што во меѓувреме завршил високо образование. Тужениот повел постапка за оспорување на донесеното решение, за потоа тужителот да биде распореден времено да ги извршува работните задачи во подрачна единица на Министерството надвор од градот во кој живее, во простории кои не биле соодветни за канцелариска работа и не располагале со соодветен простор, се наведува во денешното соопштение од МЗМП.
Во врска со ова, народниот правобранител на РМ донел заклучок дека прераспоредувањето на тужителот не е поврзано со наводно зголемениот обем на работа, туку би можело да се поведе како вознемирување на работното место и дискриминација по политичка основа.
По распоредувањето на тужителот, на неговото работно место било вработено лице со различна политичка припадност од онаа на тужителот и член на владејачката партија. Раководното лице исто така било со различна политичка определеност од тужителот.
Судот при донесување на пресудата на 27 февруари 2018 година го применил член 9 од Уставот на РМ, согласно кој граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите, одредбите од Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за работни односи.
Според Македонското здружение на млади правници оваа пресуда е од енормно значење поради тоа што е прва првостепена пресуда каде се утврдува дискриминација по основ на политичка припадност.