Драган Даравелски: Од прв цариник до бегалец од правдата


Српските власти го уапсија поранешниот директор на Царинската управа Драган Даравелски, по кого беше распишана потерница од страна на македонските власти. Неговото апсење ја врати македонската јавност години наназад во времето кога ВМРО-ДПМНЕ беше предводено од Љубчо Георгиевски.

Родум од Куманово, Даравелски беше поставен за директор на Царинската управа во 1999 година, функција на која остана до 2002 година. Тој е осуден со правосилна судска пресуда дека проневерил 2,5 милиони евра, додека бил директор на Царинската управа.dragan daravelski

По промената на власта во 2002 година против него беа поведени повеќе истраги по што беа поднесени повеќе кривични пријави. Едно од најтешките дела е неуплатување на приходите од царините во Буџетот на државата, а Даравелски беше осуден и за отуѓување возила, сопственост на Царината, на други институции.

Откако беа отворени истрагите, тој побегна од државата во соседна Србија. Во 2006 година тој беше уапсен, но додека чекаше во екстрадиционен притвор извади српски пасош и на тој начин ја избегна екстрадикцијата во Македонија.

Во негово отстуство во 2007 година Даравелски беше осуден на 7 години затвор и беше наредена конфискација на негов имот во вредност на штетата што ја направил на државата. Надлежните запленија стан во Скопје и дуќан во Куманово, вредни околу 200.000 евра, а беше запленет и имот зад кој формално стојат други лица, но државата успеа да ги доведе во корелација со Даравелски, меѓу кои и вила на Водно вредна 1,4 милиони евра.

Државата во 2010 година ги конфискуваше сите акции од неговата фирма „Скотиха“, вредни 2 милиони евра. Конфискувани беа и неговите акции во „Југоопрема“ вредни 690.000 евра како и од кумановската фабрика за тули „КИК“ вредни 653.000 евра. Дополнително, Беа запленети и акции од околу половина милион евра акции или речиси 7,5 % од вредноста на ИК Банка и 2,5 % од акциите во СТАТЕР банка од Куманово, вредни 250.000 евра.

Инаку, Даравелски најверојатно нема веднаш да биде екстрадиран во земјава бидејќи ќе го искористи неговото право на жалба.

emagazin.mk

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1