Француската полиција опколи синагога во Париз, откако беа евакуирани лицата кои се наоѓале во верскиот објект, јави Анадолија.
Во синагогата се наоѓале 200 лица, а полицијата останала да дежура пред зградата.
Француските медиуми наведуваат дека во улицата каде се наоѓа синагогата се слушнале звуци од рачни бомби, и според зборовите на очевидци, постои можност за киднапирања во близина на синагогата.
Од друга страна, во утринските часови имало дојава за бомба во познатиот забавен парк Дизнилед. Евакуирани се луѓе од паркот, меѓутоа, се испоставило дека се работи за лажна узбуна.
Една туристка која била сместена во хотел во париски Дизниленд денеска била притворена . Туристката била на возраст од 30 години и била со потекло од Марсеј. Таа со своето семејство престојувала во хотелот „Секвој“ во близина на луна паркот, а паниката настанала откако таа од прозорците на својата соба почнала хистерично да вика: „Јас сум партнерката на Кулибали и сите ќе ве дигнам во воздух“, истакнал претставник на обвинителството во Моу, пренесува „Фигаро“.
„Ова е лажна узбуна и парковите се отворени како и обично. Инцидентот е завршен.“, рекла портпаролката на парискиот Дизниленд.
Девојката е ставена во притвор во полициската станица во Лањиј, а обвинителството најавува дека ќе отпочне кривична постапка против неа поради „ширење лажни информации“ дека ќе биде извршен напад.
Девојката во понеделник ќе биде изнесена пред судот во Моу, додал претставникот од обвинителството, прецизирајќи дека со тоа сака да испрати порака до сите оние кои имаат намера да дигнат лажна тревога да се запознаат со опасноста од казнување.
Туристката, теоретски, ќе се соочи со казна од две години затвор и парична казна во висина од 30 илјади евра, заклучуваат француските медиуми.