Според директорот Рунтевски, клучно за превенцијата и искоренувањето на болеста е вакцинацијата на добитокот, возрасните грла и подмладокот, што масовно почна од 2008 година, но и идентификацијата на животните која овозможи следење на нивното движење.
– Во следниот период сметаме дека ќе продолжи опаѓањето на бројката заболени и дека целосно ќе се искорени бруцелозата кај животните и луѓето, вели Рунтевски.
Најдобрите резултати на борбата против ова заболување се добија откако Агенцијата ја смени стратегијата што се применуваше до 2006 година и која, како што напомена Рунтевски, не даваше речиси никакви резултати.
Со намалувањето на заболени грла драстично се зголемила и заштедата. Ако порано за компензација на одземените животни се трошеа преку еден милион евра годишно, сега оваа сума е сведена на минимални 10.000 евра, истакна Рунтевски.