Два брачни пара со помош на две исклучително хумани жени (сурогат мајки), ќе добијат свое потомство со постапката за сурогат мајчинство. До крајот на оваа или следната недела се очекува брачните двојки и сурогат мајките да ја финализираат првата фаза од постапката со склучување договор, по што следи медицинска постапка за биомедицинско оплодување, истакна денеска на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.
Во Република Македонија првпат почнува постапката за биомедицинско потпомогнато оплодување со сурогат мајчинство.
Тој рече дека барањата на две други жени кои сакаат да бидат гестациски носители, не биле одобрени, поради неисполнување на законските услови. Појасни на кој начин се спровела постапката на поврзување на брачни двојки кои не се во можност по природен пат да се реализираат како родители, со потенцијални сурогат мајки.
Министерството за здравство, посочи Тодоров, формираше здравствена комисија во која се вклучени врвни експерти од повеќе медицински области поврзани со биомедицинското потпомогнато оплодување, која преку проверка на здравствената состојба на паровите и на сурогат мајките, утврди дека истите ги исполнуваат условите.
„Особено внимание беше обрнато на профилот на овие личности, имајќи предвид дека дел од членовите од оваа комисија се психијатри и психолози, така што тие водеа и непосреден разговор со брачните двојки за нивните желби и мотиви да создадат свое потомство, како и со сурогат мајките за нивниот поттик да усреќат некое семејство со деца“, истакна Тодоров.
Во претстојниот период, потенцира министерот, ќе бидат извршени и повеќе стручни советувања со овие лица (од психолошки и правен аспект), по што следи самата медицинска постапка на биомедицинско потпомогнато оплодување (хормонска терапија и ембрио-трансфер, кој и во двата случаи ќе се изврши со сопствени полови клетки).
Тој нагласи дека генерално постои голем интерес од брачните парови за добивање дете со помош на сурогат мајчинство, и досега над 30 парови побараа информации за почнување на постапката.