Двајца џихадисти од Македонија разменети меѓу Турција и ИСИЛ


За ослободување на 49 Турци заробени во турскиот конзулат во Мосул, на Исламската држава ~ биле дадени 180 џихадисти, меѓу кои имало и двајца македонски државјани

Околу 180 џихадисти ~ биле предадени на Исламската држава во рамките на договорот за ослободување на киднапираните од турскиот конзулат во Мосул, пренесе Би-би-си, повикувајќи се на „Тајмс“, и наведувајќи дека на листата со разменети има и „двајца Македонци“. Вкупно 49 вработени во турската амбасада беа во заробеништво 101 ден пред да бидат ослободени на 20 септември. „Тајмс“ пренесува дека на листата со разменети лица, освен двајца македонски државјани, има и тројца Французи, двајца Швеѓани, еден Швајцарец и еден Белгиец. Весникот додава дека во договорот биле вклучени борци на ИД, задржани во турски болници и затвори, како и тие што биле во рацете на умерените сириски бунтовници.isil teroristi djihad

Иако не е потврдено од официјални извори и не се знае за кои Македонци станува збор, информациите потсетуваат на нападот над турската полиција во местото Нигде од март годинава, по што се утврди дека Мухамед Зекири од Охрид и Бенјамин Ху од Грчец учествувале во нападот и убиството на тројца турски полицајци и ранувањето пет лица. Сепак, има дилема дали тие двајца се токму разменетите.

Турција е најчестиот пат на џихадистите од Балканот до боиштата во Сирија. Нема информации дали некои лица од Македонија што го искористиле овој пат за да им се придружат на џихадистите биле уапсени од турските власти и дали воопшто биле дел од направената размена.

Инаку, на листата со разменети лица, според „Тајмс“, се и 18-годишниот Шабаз Сулеман и 26-годишниот Хишам Фолкард, британски државјани. Сулеман отпатувал во Сирија како дел од хуманитарен конвој за турска хуманитарна организација минатото лето. „Тајмс“ успеал да разговара со таткото на Фолкард, кој истакнал дека неговите двајца синови ги зела нивната мајка, која ги пуштила да учат ислам во Јемен и оти тој нема контакт со нив.

Би-би-си сепак ја поставува дилемата дали двајцата Британци биле меѓу 180-те затвореници.

За ослободувањето на 49-те турски заробеници беа дадени многу малку објаснувања, но турскиот претседател Ердоган не негираше дека имало размена на затвореници и нагласи дека не бил платен откуп.

Исламската држава е на удар на американската војска, која извршува бомбашки напади во Сирија и Ирак за да го запре напредокот на џихадистите, кои освен што заземаат големи територии, стекнуваат и публицитет преку снимање обезглавување и поставување на снимките на интернет.

Дневник

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1