Претседателот на Исламската верска заедница во Македонија, реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи, тврди дека Албанците, муслиманските верници од Македонија и пошироко од регионот се злоупотребуваат во врска со војната во Сирија и во Ирак и оценува дека е грешка мислењето дека оние Албанци што гинат во овие војни ќе станат херои или шехиди.
– Таму се води една крвава братоубиствена војна и не може да се оправда учеството на Албанците во овие конфликти- изјавил Реџепи додавајќи дека организациите што се борат во Сирија и во Ирак, како ИДИЛ, немаат никаква врска со исламот, туку се целосно терористички.
– Оние лица што го поттикнуваат заминувањето во војната во Сирија самите остануваат дома и го гледаат само материјалниот интерес. Тие не се свесни каква штета ни прават нам како муслимани и како Албанци. Имам една порака до сите што ги сакаат мирот, културата и цивилизацијата: барам да функционира правната држава – рекол Реџепи.
Реџепи не ја отфрла можноста поттикнувачите на лицата што одат да војуваат дека ги има и во џамиите во Македонија. Тој признава дека две џамии во Скопје не се под целосна контрола на ИВЗ.
– Можно е. Но, ние со максимални залагања имаме создадено една позиција: ниту еден имам не може да биде во наша џамија доколку не потпише изјава во која стои дека во пракса, во неговото дејствување не се оддалечува од законското училиште „Ханифије“ и кога во мигот ќе се оддалечи од изворната, автохтона, традиционална интерпретација, тогаш ИВЗ слободно може да н` оддалечи од ангажираноста како имами во џамиите. Сепак, имаме само еден проблем што не можеме да го скриеме. Тоа се џамиите „Јахја-паша“ и „Тутунсези“. Во овие две џамии, иако вработените, имамите и нивните помошници се наши луѓе, првиот човек не е наш, туку е наметнат. И покрај тоа, ние сме слободни и не може да ни го забрани влезот, но немаме целосна контрола во овие две џамии. Сме барале од компетентните владини органи да ни помогнат почитувајќи го законот, но тие не ја извршија својата работа, затоа доколку нешто се случи во Јахја-пашината џамија и во „Тутунзес“, за нас, тоа ќе се случи во МВР, а не во нашите објекти – нагласил Реџепи.