Повеќе од 2.000 Македонци работат на туристички бродови кои крстосуваат низ светот. Најголемиот дел од нив наоѓаат работа на прекуокеанските крстосувачи или таканаречени крузери, каде заминуваат или преку овластени агенции или пак во директен договор со странските бродски компании. Претпоставките се дека во последниот период бројката на Македонци кои заминуваат на работа на брод е далеку поголема, бидејќи многумина самоиницијативно заминуваат да работат како обезбедување на карго-бродови. Платата за оваа работа е далеку поголема, но исто така и ризиците. Најчесто за оваа работа се бараат лица кои професионално се занимавале со обезбедување или биле дел од специјални полициски и армиски единици, пишува Утрински весник.
Младите во потрагата по работа честопати се одлучуваат за вработување на бродови, но многумина од нив не се свесни дека тоа е тешка и напорна работа. „Да се живее и работи на брод за крстосување е искуство кое не се заборава. Меѓутоа, пред да одлучат да се пријават, сите треба да знаат дека повеќето работи на брод се тешки и не може секој да издржи со денови на вода без да стапне на копно“, вели скопјанец кој неколку години работел на прекуокеански крузери.
Дел од младите,што во изминатиов период се одлучиле да заминат и да работат на брод велат дека заработувачката не е секогаш толку висока како ветеното, а и условите за работа често се тешки, особено кога работниот ден трае и по повеќе од 12 часа.
Само со Програмата „Работи – патувај“ годишно заминуваат околу 500 млади луѓе во странство. Повеќе од 100 млади се пријавуваат за работа на брод, како и 50 за работа во Обединетите Арапски Емирати и Катар. Бројките важат само при склучување на првиот договор, бидејќи за секој нареден, младите се договараат директно со бродската компанија.
Она што најчесто ги привлекува младите да заминат на брод е што покрај добрата заработувачка, им се нуди можност и за прошетка и забава, посета на нови места, но и склопување на нови пријателства. Во зависност од местото за коешто се конкурира и позицијата, зависи и должината на договорите што се склучуваат за работа.
Најчесто се бараат фризери, масери, козметичари, маникири, лични тренери и продавачи, хигиеничари, келнери, собарки, готвачи… Кандидатите треба да бидат постари од 21 година и мораат одлично да го познаваат англискиот јазик.
За продавачи во бесцарински продавници се бараат исклучиво девојки или фотографи кои исто така се резервирани за понежниот пол. Рецепционерки се исто така барани позиции за жени, но за таа позиција се бара познавање на повеќе странски јазици.
Работниците добиваат бесплатно сместување и храна, што значи дека немаат трошоци додека престојуваат на бродот. На крузерите работат луѓе од цел свет, но што се однесува на регионот, најмногу доаѓаат од Србија, БиХ и Македонија.