Двегодишно дете е најмладиот пациент заболен од коронавирус во Македонија


Според податоците објавени на веб-страницата на Институтот за јавно здравје, најмладиот пациент во Македонија заболен од коронавирус е двегодишно дете, а најстариот пациент има 91 година.

Во деталниот дневен извештај на Институтот за јавно здравје, пишува дека „возраста на заболените се движи од 2 до 91 година (просек 42,2 години), а најголемиот број заболени (23 проценти) се на возраст од 30 до 39 години“.

Од вкупниот број заболени од коронавирус во државата, 136 лица, повисок е бројот на женските лица, односно 66 се мажи, а 70 се жени.

Кашлицата е најчестиот симптом кај заболените, речиси 70 отсто од пациентите го имаат овој симптом. Потоа следуваат покачена температура (65,3%), слабост (31,6%), болка во грло (25,3%), треска (24,2%) и главоболка (24,2%), а 41 лица се без симптоми.

27 лица од 136-те заболени, според евиденцијата на Институтот за јавно здравје, претходно имале хронична болест, од кои 17 имаат кардиоваскуларна болест, 5 лица се со хронична белодробна болест, а по тројца се со дијабет, хронична бубрежна болест и со хипотироидизам и еден со невромускулна болест.

Досега, според Институтот, регистрирани се 9 случаи на заболување меѓу здравствени работници.

Во дневниот извештај на Институтот, се вели дека „проценката на ризик на СЗО на глобално ниво и на ниво на Европски Регион за понатамошно ширење на COVID-19 кажува дека ризикот е многу висок“.

Според категоризацијата на ризикот од СЗО, се проценува дека:

Дебар е во фаза 4 (широко-распространета трансмисија во заедницата).
Скопје е во фаза 4 (широко-распространета трансмисија во заедницата).
Останатиот дел од Република Северна Македонија е во фаза 2 (спорадични случаи)

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1