Поставување статуси или фотографии на социјалните мрежи, проверка на електронската пошта, читање на најновите вести – секојдневно с` повеќе и повеќе македонски корисници на мобилна телефонија го прават ова преку своите уреди, кои им овозможуваат брз и едноставен пристап до интернет-мрежата. Македонците ги има зафатено истата треска за употреба на паметни телефони како и жителите на која било друга европска земја. Иако во земјава нема официјални бројки, според последните процени од мобилните оператори паметни телефони поседуваат од 50 до 55 отсто од сите 2,2 милионa корисници на мобилна телефонија во земјава. Дека земјава бележи експлозивен раст на употребата на т.н. смартфони, покажува податокот дека овој процент е двојно поголем во споредба со минатата 2013 година.
Сопствениците на паметни мобилни телефони во Македонија, исто така, ги следат светските трендови на користење на оперативните системи, при што е доминантен „Андроид“, оперативниот систем на „Гугл“, а далеку зад него се „ајОС“ на „Епл“, „Виндоус фон“ на „Мајкрософт“ и „Блекбери“ на РИМ.
Големиот интерес за паметните телефони го следат и мобилните оператори и кон тоа ги приспособуваат понудите.
– Повеќе од 55 отсто од корисниците на „Вип“ користат паметни телефони, со тенденција на понатамошен раст. Особено што повеќе од 80 отсто од портфолиото на „Вип“ го сочинуваат паметни телефони. Можеме да кажеме дека во однос на изминатите години употребата на паметни телефони бележи двоцифрен раст – вели Даниела Начевска-Стојчевска, портпарол во „Вип оператор“.
Во мобилниот оператор „Оне“ велат дека с` повеќе расте бројот на корисниците што обичните телефони ги заменуваат за паметни, за што доказ е продажбата на андроид-телефоните, која во компанијата е зголемена за повеќе од двапати во споредба со лани.
– Kорисниците купуваат телефони и користат тарифни модели во сите ценовни класи, а изборот на телефон најмногу зависи од цената. Сепак огромен е бројот на корисниците што ги сакаат најскапите и најнови телефони, а една од причините за склучување ваква зделка е понудата со која со договор од 24 месеци за одреден тарифен модел корисниците ги добиваат најновите смартфони за многу ниска сума – вели вели Виктор Доневски, главен директор за маркетинг во „Оне“.
Зголемената конкуренција на пазарот на електронските комуникации последниве години придонесе да се преполоват цените на мобилната телефонија, а операторите во борбата за секој корисник понудија поквалитетни услуги и телефонски апарати по попристапни услуги. Значајна улога за да се раздвижи пазарот одигра и новата регулатива, која Агенцијата за електронски комуникации ја подготви во согласност со најдобрите европски практики. За да го задоволат овој интерес, мобилните оператори и трговците со комуникациска опрема на рафтовите ги имаат сите најнови паметни телефони со различни оперативни системи и технички карактеристики истовремено со нивните светски промоции.
– Речиси и да не се бараат обични мобилни телефони. Ретки се таквите, обично станува збор за повозрасни луѓе, на кои телефонот им треба само за разговор. Помладите се одлично информирани и ги знаат карактеристиките на сите најнови модели. Се бараат паметни телефони со голем екран и кои брзо отвораат интернет. Најдобра цена се добива ако телефонот се купи со пакет што го нуди операторот – вели Илија Kостовски, вработен во една продавница за техничка стока.
Dnevnik.mk