Пристигна и пајтонот во главниот град. Возењето викендов во кочијата беше промотивно, а јавното претпријатие “Паркови и зеленило” кое стопанисува со неа денеска ќе ги утврдува цените за користење на пајтонот.
Неофицијално еден од предлозите, како што пишува Вечер, за цената на возење со кочијата е едно кругче да изнесува 100 денари. Од претпријатието велат дека денеска ќе се утврдува и од каде до каде ќе вози кочијата за цената што ќе биде определена.
Викендов пајтонот кружеше околу атрактивните споменици во Жена-парк, околу Плоштадот Македонија и по улицата “Македонија”.
Инаку, кочијата ја влечат два бели коњи, на неа е вграден црн подвижен покрив од водоотпорна кожа, а внатре е обложен со црвено кадифе и со две дрвени врати.