Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјавил дека идеите на некои кругови за обединување на Албанија, Македонија и Косово во „голема Албанија“ се лоши и неприфатливи за Турција, која гласно се залага за почитување на суверенитетот и интегритетот на земјите на Балканот.
„Тоа се лоши работи. Еве, видете што се случува на Блискиот Исток, во Ирак, во Сирија. Не сакаме такви кризи да се случуваат и на Балканот. Постојат некои луѓе кои се обидуваат да скројат такви планови за Балканот, но ние не смееме тоа да им го дозволиме. Ние се залагаме за почитување на суверенитот и интегритетот и тоа мора да се сфати. Затоа, не смеат да се играат такви игри во Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија и Србија“, изјавил Ердоган во интервјуто за албанската мрежа „Топ Ченл“.
Претседателот на Турција порачал дека сите овие земји треба да го продолжат својот пат по кој тргнале.
Ердоган додал и дека различностите во секоја земја или општество мора да се препознаат и да се искористат како богатство и истакнал дека таквото сфаќање на работите може да им помогне на Албанија, Македонија, Босна и Херцеговина и на другите земји кои имаат такво богатство.