На листата што ја објави „Јуроњуз“ се наоѓаат 54 земји, на кои не се најде Македонија, но се најде целиот регион, вклучително и Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово.
На мапата што ја објави медиумот Македонија не е ниту во зелената, ниту во црвената, туку во сивата зона, што според дел од толкувањата остава некаков простор, земјава сепак да се протне меѓу останатите држави, иако бројките засега не даваат многу надеж. Статистиките укажуваат дека земјава неколкукратно го надминува критериумот, поставен од Европската Унија, која неофицијално, бара земјите да имаат максимум 16 нови случаи на заразени на 100 илјади жители во последните 14 дена.
Според „Дојче Веле“ Македонија во моментов има биланс од околу 100 и е на рамниште со САД и Русија, кои според информациите од Брисел веќе добиле европско „не“ за патување низ Шенген зоната. Министерот Филипче вели засега нема информации каква би била одлуката на Европската Унија.
Европската Комисија пред две недели препорача отворање на границите на први јули за сите земји од Западен Балкан, дури и го пофали регионот дека има подобри резултати во борбата со вирусот и од членките на Унијата.
Во меѓувреме Македонија и регионот се соочи со нов бран на епидемијата, што драстично ги намали шансите за непречено патување во Европа.