Еве што порача Груевски од митингот: Доста молчевме, време е да одговориме!


Нашите реакции досега беа  молчење, но доста беше, Македонија е време да одговори, порача во понеделник вечер премиерот Никола Груевски, во обраќањето на народниот собир што се одржа пред републичкото Собрание.

Тој додаде дека државата во последните три и пол месеци е под жесток напад, но дека е дојдено времето да се одговори на тој напад.

На почетокот Груевски побара да им се оддаде почит на осумте загинати бранители во акцијата во Куманово.Screenshot_60

„Нашите зборови, зборовите на политичарите, ќе поминат, но нивната битка ќе се памети“, рече Груевски, додавајќи дека тоа е примерот како се сака државата.

Понатаму во обраќањето, премиерот појасни дека ова што сега се случува е всушност диктатура на политичкото малцинство врз власта.

„Нема повлекување, нема потегнување, нема предавање. Македонија е силна, Македонија е одлучна, Македонија пак победува“, порача Груевски.

Рече дека нема да дозволат македонскиот народ да се закрви меѓу себе, посочувајќи го претседателот на СДСМ Зоран Заев како предводник на нечесна игра.

„Овој човек, не само што нема да биде премиер, тој повеќе никогаш нема да ја добие довербата во Струмица“, рече Груевски, при тоа додавајќи дека на Македонија не и е потребна владејачка гарнитура што им се става на располагање нас странски служби.

„Македонија не сака да ја предводи човек што им се заканува на неистомислениците со аудио снимки“, додаде уште премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ.Screenshot_70

Груевски натаму подвлече дека за време на деветгодишното работење имаат направено грешки, но дека токму од грешките учат и излегуваат посилни и како луѓе и како партија.

„Не може во девет години да нема грешки и пропусти. Сите ние сме обични луѓе и никој не е безгрешен. Свесен сум за сопствените грешки…Овие креирани материјали ќе бидат поука за нас, да ги поправиме грешките. Сакајќи да ни нанесе зло, тој ќе нè направи посилни. Овој народ ќе нè зајакне и зацврсти“, порача Груевски.

Тој најави пакет на мерки и промени во неколку сфери, но СДСМ, како што рече, има други цели.

„Ние сакаме да ја зајакнеме државата, а тие да дојдат на власт по секоја цена“, истакна премиерот.

Тој посочи дека во време кога Европската комисија ја изнела прогнозата за економскиот раст во 2015 и 2016 година, во која Македонија е лидер во Европа, се случил терористичкиот напад во Куманово.

„Сака да нè втурнат во меѓусебен конфликт, но не им успеа“, рече Груевски, при тоа додавајќи дека постои реален план за надминување на кризата и дека нема да му се дозволи на Заев да го урне економскиот напредок.

„Се јави вознемиреност кај странските инвеститори, но јас им порачувам на сите, Македонија нема потенцијал за конфликт и дестабилизација. Народот не го сака тоа. Тоа се покажа из а време на терористичкиот напад. Тоа беше пресметка со криминално-терористичка банда“, подвлече Груевски, додавајќи дека некои медиуми, финансирани и управувани од надворешни центри на моќ, се обиделе со пласирање на разни дезинформации за убиени цивили, да ја втурнат земјата во меѓуетнички конфликт.

ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи какво и да е решение и каков и да е компромис за спорот кој го наметна Грција, кој би бил прифатен од поединци, Владата или Парламентот, без претходно да се изјаснат за него граѓаните на референдум, порача премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

„ВМРО-ДПМНЕ ќе ги продолжи разговорите со Грција со јасно изградени позиции, овој став е доволно добро дизајниран за да се најде компромис кој би бил прифатлив за двете страни, вклучувајќи ги и граѓаните на Република Македонија.Членството во НАТО и ЕУ остануваат највисок приоритет, независно од шпекулациите, иднината на Македонија е како членка на ЕУ и НАТО,  и тоа досега ќе беше завшена работа доколку не беше блокадата од Грција“, изјави Груевски.

Тој додаде дека колку и да биле зли намерите на лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев преку последниот сет од објавени прислушувани телефонски разговори, тие покажале дека од страна на владините претставници во преговорите со Грција се бараат цврсти гаранции за македонскиот идентитет.

„Членството во НАТО и Европската унија(ЕУ) останува наш врвен приоритет.Иднината на државата е во ЕУ и НАТО“, нагласи Груевски, негирајќи ги шпекулациите дека земјата се врти во друг правец.

На крајот Груевски се осврна и на преговорите што ги водат партиите за надминување на политичката криза, порачувајќи му на поранешниот претседател на СДСМ Бранко Црвенковски да се тргне од политиката.

„Нема да дозволиме решенија спротивни на изборната волја на граѓаните. Ако дозволиме, што ќе ни се тогаш избори“, рече Груевски, при тоа додавајќи дека тогаш секој може да си купи опрема за прислушување и да ги уценува опонентите.

На народниот собир беа прочитани и декларации од повеќе европски политичари, кои му дадоа поддршка на Груевски и побара од опозицијата да се врати во Собранието.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1