Европа на стенд бај – Унијата не успеа да донесе буџет


Ван Ромпуј и Барозо објавија неуспешен крај на Специјалниот самит на Европскиот совет. Специјалниот состанок на Европскиот совет за усогласување на висината на идниот седумгодишен буџет на Европската унија и дефинитивно заврши неуспешно.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, претседателот на Советот, Херман ван Ромпуј, заедно со првиот човек на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо, на штотуку завршената прес-конференција објавија неуспех во договарањето на Повеќегодишната финансиска рамка (МФФ) за периодот 2014-2020 година.
Претседателот на ЕС посочи дека секое евро мора внимателно да се троши во иднина и дека има многу работи кои Унијата треба да ги направи за земјите и граѓаните, со цел идниот буџет да предизвика економски раст и отворање на нови работни места, па дека токму затоа е и повисок од седумгодишниот буџет за периодот 2007-2013.

– Откако вчера ги слушнав сите барања на лидерите на земјите-членки, јас излегов со нов предлог кој беше за 80 милијарди понизок од предлогот на Европската комисија и изнесуваше 973 милијарди евра за седум години. Сепак, очигледно е дека е потребно време за финализирање на сите солуции оти договараме буџет за идната декада, а следните седум години се круцијални за оправување на Европа, додаде Ван Ромпуј, според кого нема потреба од драма, бидејќи преговорите се комплексни и како пример го посочи договарањето на актуелни обуџет на ЕУ за перидоот 2007-2013 година, кој се договарал неколку години.

Она што зачуди денеска е податокот дека Европската комисија го зголеми своето барање и инсистираше на седумгодишен буџет од 1.047 милијарди евра, додека Советот остана на барањето за 140 милијарди евра годишно.
Сепак, Велика Британија и премеирот Дејвид Камерон беа цврсти во намерата за стегање на ременот и инсистираа на седумгодишен буџет од само 860 милијарди евра, додекаа Германија е согласна за 100 милијарди повеќе од британското барање.

Предложениот буџет е мал и ЕК се бори да биде модернизиран и да обезбедува раст и работни места.Ние ќе го браниме нашиот предлог, но факт е и дека на крајот мора да се најде компромис, додаде Барозо.

Интересно е дека дури и да дојде до договор, целиот напор на лидерите на земјите-членки може да падне во вода оти Повеќегодишната финансиска рамка (МФФ) мора да биде изгласана и од Европскиот парламент. А, европарламентарците одамна ставија до знаење дека сакаат поголем, а не помал буџет и голема е веројатноста дека и во иднина, ако биде изгласан помал седумгодишен буџет на Европската унија од страна на Европскио совет, ЕП да го одбие, по што ќе мора да се организираат нови Специјални состаноци и повторно да се договара што може да се оддолжи до недоглед.

Доколку до средината на 2013 година Европскиот совет и Европскиот парламент не ја договорат Повеќегодишната финансиска рамка за периодот 2014-2020 година, тогаш, според правилата Унијата би продолжиле да функционираат со актуелната буџетска рамка, а која во моментов е 953 милијарди евра за периодот од 2007 до 2013 година или по околу 136 милијарди евра годишно.

Миа

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1