Европа врие: поради високите цени, половина милион луѓе на протест


Повеќе од половина милион луѓе излегоа на улиците низ Франција поради сè повисоките трошоци за живот, а протестите прераснаа во насилство и грабежи, меѓу другото и во Париз.

Околу 550.000 демонстранти учествувале во протестните маршеви низ Франција во саботата, вклучувајќи 110.000 во Париз, изјави министерот за внатрешни работи Лоран Нунез. На маргините на протестите, групи активисти од крајната левица напаѓале полициски станици и други јавни згради, а им се придружиле и ограбувачи кои ја искористиле приликата, рече министерот. Околу 400 лица биле приведени, додаде Нунез.

Демонстрантите вчера палеле автомобили, згради и угостителски објекти, додека други ја искористиле можноста да ограбуваат и вандализираат голем број продавници и бизниси низ цела Франција – од пекарници и супермаркети до продавници за технологија, спортска опрема и луксузна облека.

Во насилните инциденти биле повредени повеќе од 500 полицајци, жандарми и пожарникари, а засега не е познат бројот на повредени демонстранти. Предизвикана е и значителна материјална штета.

Само во Париз, поправката на зградите оштетени во подметнатите пожари би можела да чини десетици милиони евра, изјави градоначалникот Емануел Грегоар. Полициски станици биле нападнати и во Марсеј и Брест, рече Нунез.

Немири избувнале и во градови како Стразбур, Руан, Нант, Тулуз и По, каде што групи демонстранти фрлале предмети кон полицијата и палеле улична опрема, автомобили и велосипеди. Во пожарите биле зафатени и градското собрание во Лимож, во централна Франција, како и туристичкото биро во Лион.

Во Италија, маскирани учесници во нередите се судриле со полицијата, ограбувале продавници и палеле имот за време на протестите поради трошоците за живот во Милано, финансискиот центар на земјата, објави новинската агенција АП (Associated Press).

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1