Европска Комисија со став: Изборите се изводливи и на 24 април


Европската комисија денеска го појасни својот став за разрешувањето на политичката криза во Република Македонија и посебно во однос на тоа дали и кога треба да се одржат предвремените парламентарни избори, што според договорот од Пржино се закажани за 24 април.evropska komisija

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, по утринската изјава на еврокомесарот Јоханес Хан дека е потребно политичките партии да се договорат за датумот на изборите, неговата портпаролка Маја Коцијанчич во изјава за МИА посочува дека е изводливо изборите да се одржат во Македонија според договореното на 24 април, но дека за тоа е потребен меѓупартиски договор, а Брисел сака единствено тие да бидат фер.

– Прво и основно, сите лидери мора да останат посветени на договорот од јуни/јули во сите негови делови. Напредокот во спроведувањето е од витално значење во контекст на многу внатрешни и надворешни предизвици со кои се соочува земјата, како и со миграцијата. Ние жалиме што не можеше да се постигне консензус за датумот на изборите во петокот минатата недела, и покрај советите на ОДИХР и на ОБСЕ дека договорениот датум во принцип е се уште изводлив, посочува Коцијанчич.

Во однос на тоа кога треба да се одржат предвремените избори, гласноговорничката на еврокомесарот за преговори за проширување го повтори ставот на нејзиниот претпоставен.

– Што се однесува до датумот на изборите, сега е одговорност на политичките лидери да остварат контакти, со наша поддршка на терен. Ние сакаме фер избори кои ќе донесат напредок на земјата. Токму затоа, ние, од наша страна, ќе сториме сé за поддршка на подготовките, вклучувајќи чистење на избирачките списоци и обезбедување на медиумската ситуација која ќе гарантира фер однос во однос на презентацијата на сите политички партии. Конечно, ОБСЕ ќе има многу стабилен мониторинг пред и за време на изборите, додава Коцијанчич.

Еврокомисијата, преку својата гласноговорничка, повика и на усвојување и држење до итните реформски приоритети што ЕК и ги препорача на македонската држава преку извештајот на експертот Рајнхард Прибе.

– Политичкиот договор останува на место и тој мора да се следи. Подеднакво е важно и да се постигне напредок во однос на приоритетите за итна реформа. Граѓаните со право го очекуваат овој напредок и политичарите треба да покажат одговорност со тоа што ќе се држат до нивните обврски, заклучува Коцијанчич.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1