Фановите на Тоше: Градоначалнику како Тоше стана Александар? – си поигравте со споменот на нашиот идол


Фановите на Тоше Проески по именувањето на Универзалната сала во Конгресен центар Александар Македонски гп прашуваат Коце Трајановски, градоначалникот на Скопје, како Тоше стана Александар?. Еве што му пишуваат на Трајановски:

Почитуван господине Трајановски, градоначалник на Скопје,univerzalna tose

За разлика од Вас кога еднаш веќе ветената и донесена одлука, премолчено и без трошка грижа на совест ја преименувате, притоа молкум и без транспарентност на која толку инсистирате, ние искрените чувари на ликот и делото на нашиот великан Тоше Проески, гласно размислуваме. Сфатете го како моќен глас директно од душата и срцето на пријателите, роднините, фановите и блиските другари на Тоше Проески кои се револтирани од начинот на кој Вие си поигравте со големината и споменот на нашиот ценет пријател, другар, брат, идол. Во светоста на споменот за најголемиот човекољубец и уметник ние сме обединети единствено под знамето на Тоше. Тоа е за нас универзалниот спој на религија, вера и верување. Случајно или не во пресрет на еден од најголемите христијански празници Богојавление и родениот ден на Тоше молиме за одговори :

1. Зошто иницијативата новата Универзална Сала да го носи името на Тоше Проески,(која да потсетиме ние фановите на Тоше ја поднесовме пред скоро две години), а Советот на Град Скопје ја изгласа пред една година, истата подоцна, настрана од јавноста, ја поништивте и повлековте?

2. Нашата иницијатива беше конкретна и прецизна! За која имаме докази. Нашата иницијатива беше новиот КОНЦЕРТЕН (по ваше и најново КОНГРЕСЕН објект) да го носи името на Тоше, а сега одеднаш, како што би рекол Тоше “кај нас секое чудо за три дена” според вас се работи за проект во кој мора да се испочитува сосем друг великан . Добро знаете колку во јавноста беше емотивно поздравена нашата иницијатива. Кога веќе решивте да го смените името на Универзална, нека се преименува во име на лик кој беше наш современик и уметник кому оваа сала му донесе толку хитови и фанови.

3. Не го разбираме размислувањето дека за возврат некој ходник или канцеларија ќе го носи неговото име. Малку повеќе е недостојно да се пазарите со името на Тоше! Ако сакавте да постигнете компромис меѓу првично прифатената и изгласана иницијатива и , отпосле наметнатата нова одлука, верувајте правите голема грешка. Изјаснете се пред македонскиот народ како тоа едно име ќе стои на надворешниот објект, а друго низ ходниците. Каде ќе одиме на концерти, фестивали, хуманитарни акции? Во кој објект, во која сала… некоја канцеларија? Како ли изгледа цел објект? Имаме ли право да знаеме, или и тоа ни е ускратено?

4. Почитуван градоначалнику, господине Коце Трајановски, доблесно е и човечки , барем толку должите кон Тоше и цела армија која го чува неговиот лик како икона од незаборав. Излезете пред јавноста, граѓаните, семејството, блиските на Тоше Проески и јасно објасните што се случува? Ќе ве потсетиме уште еднаш! Побаравте дозвола од семејството Проески за употреба на името на Тоше, токму за преименување на Универзалната сала. Ја добивте! Затоа, Вие сега имате должност кон нас, а пред се кон семејството Проески за одговор на овие прашања. Најважно е да напоменеме дека оваа иницијатива е од група на граѓани, фанови на Тоше, која целосно ја поддржуваат сите почитувачи, пријатели и роднини на Тоше. На ниту едно место не иницираме секој да ни биде истомисленик, но ние како граѓани го користиме правото да Ви се обратиме со јавно писмо и да Ве повикаме на одговор.

Во очекување на Вашиот одговор. . Со почит, Иницијаторите Фанови на Тоше Проески

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1