Нешто над 100 илјади полнолетни граѓани, државјани на РМ, кои се во базата на МВР ги нема во базите на другите 10 институции што ги споредува Државната изборна комисија, дознава „Дневник“ неофицијално од извори во ДИK. Првичните информации говорат дека не се работи за фантомски гласачи, туку за македонски државјани со валидни адреси, но кои ги нема во актуелните бази со кои располагаат домашните институции последните неколку години, објавува ДНЕВНИК во денешното издание.
Ова практично значи дека во последните години не се евидентираат како невработени, немаат имот на свое име, не се пријавени во Фондот за здравствена заштита или пак, во пензиските фондови.
Најмногу од овие државјани, речиси 90 отсто, се заведени во општините Гостивар, Струга, Тетово, Kуманово, Теарце, Врапчиште, Чаир, Боговиње, Липково, Желино… Според етничката структура, од државјаните што ги немало во првичните бази во институциите, нешто под 90 илјади се Албанци, а преостанатите се Македонци и други.
Гостивар и Струга со најмногу иселени?
Од друга страна, изворите од ДИK предупредуваат дека овие бројки с` уште се многу базични и дека се работи само за првично, површинско вкрстување и оти следува длабинска проверка со историските бази на овие институции, па се очекува оваа бројка на македонски државјани што имаат адреси според МВР, ама ги нема во другите бази да се менува.