Фатени како палат огромна количина кабли во Злокуќани


Инспекцијата на Општина Карпош и комуналните инспектори, за време на вонредната контрола вчера во доцните попладневни и ноќни часови во Злокуќани констатираа палење на секундарен отпад, што е еден од најчестите загадувачи на воздухот, соопшти Општина Карпош.

Околу 20.30 часот, при контрола на потегот од крајот на булевар Илинден до СЦ „Борис Трајковски“, општинските инспектори забележале оган од спротивната страна на реката Вардар.

„Поточно, на фудбалското игралиште во Злокуќани, нашите комунални инспектори придружувани од лица од МВР, констатирале палење на повеќе огнови во кои се гореле поголеми количини електрични кабли, со цел да се издвои бакарот од пластиката, кој пак потоа го препродаваат по отпадите. Бидејќи станува збор за честа пракса на жителите од оваа месна заедница во Карпош, поттикнувачите на загадувањето биле легитимирани од полицајци, за што ќе има соодветни санкции“, се наведува во соопштението.

Општина Карпош најави дека за ова по службен пат ќе го извести Државниот инспекторат и Министерството за екологија со цел да се преземат сеопфатни и посериозни мерки против едни од најчестите загадувачи на воздух во Карпош.

Општината најави дека попладневните и ноќните контроли на инспекцијата продолжуваат со засилено темпо и во наредниот период.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1