Во сендвичарницата во Драчево се најдени фекални бактерии, потврдија за zdravstvo24.mk од Центарот за јавно Здравје-Скопје.
По добиените информации од Инфективната клиника дека има масовно труење од храна, а пациентите наведувале исто место од кое јаделе епидемиолози од скопскиот Центар за јавно здравје во средата зеле 7 мостри од работните поврешини во сендвичарата, 5 примероци за анализа од храната која била затекната во сендвичарицата и брисеви од испироци од рацете на лицата кои биле во објектот.
Резултатите од мострите и брисевите кои се анализирале во микробиолошката лабораторија во ЦЈЗ Скопје покажале дека фекални бактерии биле изолирани во кечапот, блансишаниот помфрит, плескавицата и во свинскиот врат. Бактерија од фекално потекло е најдена и на работна површина, не е најдена на рацете на вработените.
Вчера од Клиниклата за инфективни болести информираа дека во примероци од столицата земена од неколку пациенти кои добиле труење откако јаделе во сендвичарницата во Драчево е изолирана бактеријата салмонела. Токму оваа бактерија според епидемиолозите од ЦЈЗ Скопје е од групата на индикатори на фекално загадување.
Вкупно 50 лица од 3 до 50 годишна возраст беа затруени по јадењето сендвичи од сендвичарницата во Драчево. 12 беа хоспитализирани на Инфективна. Затруените јаделе разновидни сендвичи, но сите ги поврзува консумирањето кечап и мајонез од сендвичарницата. Има затруено цели семејства. Две деца кои јаделе само помфрит без додатоци не покажале знаци на труење. Драчевската сендвичарница е затворена од државниот санитарен и здравствен инспекторат и од Агенцијата за храна.
Ова е трет пат инспекциските служби да ја затворат. Какви санкции ќе следуваат по ова масовно труење треба да се произнесат надлежните од санитарниот и здравствен инспекторат и од Агенцијата за храна.