Предметот на Специјалното јавно обвинителство „Насилство во Центар“ ќе продолжи без обвинетиот Митко Пецов. Судот денеска, по барање на обвинителтите донесе решение да ја издвои постапката за Пецов и да продолжи со сведочење на поранешниот претседател на советот на Општина Центар Мирослав Шиповиќ и актуелниот градоначалник на општината Саша Богдановиќ.
Судијата Душан Јосифов рече дека за Пецов е доставена медицинска документација во која било наведено дека има повреда на десеттиот пршлен и има мислење од специјалист да мирува и избегнува движење, како и да се јави на контрола по еден месец.
Според адвокатот Димитар Дангов, барањето за издвојување на постапката е неосновано и побара одложување до 29 октомври, кое судечкиот совет не го прифати и донесе одлука да се продолжи со рочиштето.
Обвинителката Фатиме Фетаи на почетокот на судењето покрај барањето за Пецев, побара судечкиот совет да ја издвои постапката и за Никола Груевски. Поради неговото доцнење на денешното рочиште Фетаи побара Груевски да биде приведен. По излагањето на неговиот адвокат Дангов, со задоцнување од 15 минути обвинетиот Груевски влезе во судницата.