Еврокомесарот за проширување Штефан Филе испратил писмо до шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Попоски и Димитрис Аврамопулос, во кое предложил нова рамка со која Европската комисијата би имала директен увид во процесот на преговори за името.
Филе, како што пренесува Дојче веле, предлага трилатерална средба, на која ќе присуствуваат Филе, Аврамопулос и македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски.
Еврокомесарот побарал од двете страни да назначат свои претставници, а за негов личен преставник го назначил директорот на генералниот директорат за проширување на Европската комисија, Стефано Санино.
Целта на новата рамка е да се надградат заклучоците за Македонија од декемврискиот Совет на ЕУ
Позитивен предлог кој може само да придонесе кон дополнително градење на довербата меѓу двете земји, е оценката на шефот на македонската дипломатија Никола Попоски.
– Мислам дека сите имаат интерес за зачувување на кредиблитетот на европските интеграции без никаков исклучок. Сметам дека секоја земја-членка на ЕУ има интерес во зачувување на тој кредибилитет и клучни играчи во зачувување на тој кредибилитет треба да бидат оние кои го предизвикале тој кредибилитет во минатото, а ние како земја-кандидат имаме интерес да бидеме конструктивен партнер во градење на дијалог кој ќе ни овозможи надминување на непринципиелни препреки поставени во минатото.
Така што сметам дека е добро да се има комуникација, позитивно е да има придвижување во тој правец и мислам дека е логично во ова ирско претседателство да се донесат одлуки кои би обезбедиле зачувување на тој кредибилитет во наш интерес, во интерес на земјите-членки и секако на Европската комисија, рече Попоски.
Mia