Нема нови случаи во изолација во Скопје и луѓето што се во карантин се оние што беа на симпозиумот, најблиските, пациентите и колегите на разрешената лекарка Нина Цаца Биљановска. Зголемување на бројката на луѓе во изолација поврзани со овој случај нема, информираше денес на прес-конференција министерот за здравство, Венко Филипче.
Нема нови случаи на заболени од коронавирус. Во моментов на Клиниката за инфективни болести се очекува да бидат донесени четворицата пациенти од Дебар кај кои претходно беше потврдена болеста. Меѓу нив е и 15-годишно момче, и сите се со лесни симптоми на болеста, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.
На Клиниката и натаму остануваат на лекување осум заболени пациенти, еден од Скопје и седуммина од Дебар. Дополнително е влошена состојбата на една пациентка која е на апарат за вештачко дишење и на соодветна терапија. Првата пациентка кај која беше потврдена болеста е целосно излекувана и в понеделник ќе биде отпуштена од болница.
Во моментов за коронавирус се тестираат седум лица, шест од Дебар и еден странец за кој тестирањето е преку Центарот за јавно здравје во Битола. Ќе бидат тестирани уште две лица кои биле во Шпанија и се пријавиле дека имаат покачена телесна температура. Филипче посочи се чекаат резултатите од тестовите и штом бидат готови јавноста ќе биде информирана.
Нагласи дека денеска врз основа на разговори со членови на Комисијата за заразни болести ќе предложат до Владата целосно да се затворат моловите заради тоа што е претпоставка дека се тоа места каде има голем ризик од ширење на инфекцијата.
– Болницата во Дебар е организирана, епидемиологот, инфектолози и од Дебарската бања се сега на располагање за сите пациенти од овој регион. Тие ќе работат во една или во две смени, а ќе бидат контринирано на повик. Одговорно лице за целата организација е директорот на болницата. Има посебен дел од болницата каде има одделение со посебен влез, каде треба да се упатуваат и за преглед да се јавуваат сите пациенти од овој регион кои ќе добијат симптоми на грип, а после епидемиологот ќе одлучи дали ќе се земе брис или материјал што ќе се прати во Скопје. Сите други лекари се во целосна подготвеност. Итните случаи за кои не може да се даде соодветна лекарска услуга во таа болница со специјална дозвола од директорт на болнциата ќе биде препраќани во Скопје и Струга, рече Филипче.
Потенцира дека изутрината разговарал со директорката на Агенцијата за лекови во врска со снабдувањето на аптеките од страна на веледрогериите и укажал како тоа се спроведува.
Во целосна координација се со МВР во однос на потребата за поддршка на лекарските екипи доколку има таква потреба, за да се помогне на лекарите во спроведување на надзорот и изолацијата во болницата.
– Нашите информации се дека во Дебар е мирно, нема никакви проблеми, луѓето се мирни, целосно разбираат за што станува збор. Оваа засилена екипа лекари, ќе се зголеми ако е потребно и со екипи од Скопје, истакна Филипче.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека во Скопје нема зголемување на бројот на лица во изолација. Тоа се луѓето кои присуствувале на симпозиумот каде што била поранешната директорка на Клиниката за кожни болети или имале контакт со неа.
Во Дебар во излолација се 21 лице кои имале контакти со заболените сопружници и 24 кои биле во контакт со четворицата дебрани кои се очекуваат на Клиниката за инфективни болести.
Вкупниот број на заболени во земјава е 12, без првата пациентка која веќе е излекувана.