Можно е од 1 јуни да биде укината мерката за задолжително носење на маски на отворено, за што ќе одлучува Комисијата за заштита од заразни болести на состанок идната недела. Ова го изјави министерот за здравство Венко Филипче за ТВ21, кој најави дека наредната недела Комисијата ќе одлучува какви мерки за заштита од ковид-19 ќе бидат активирани од 1 јуни, како и дека ќе се разговара за евентуално укинување на мерката за носење маски на отворен простор.
„Можно е да се укине мерката за задолжително носење заштитни маски. Следната недела ќе има состанок Комисијата, која ќе одлучува за понатаму. Овие мерки важат до 1 јуни“, изјави Филипче.
Задолжителното носење маски беше воведено на 23 април минатата година, на почетокот на пандемијата со ковид-19. Прво маските беа задолжителни замо во затворени простории, а подоцна мораа да се носат и на отворено.
Казната за неносење на маска, шал или марама за граѓаните кои ќе бидат затекнати на јавни површини, е 20 евра. За фирмите, пак, кои не обезбедуваат заштитни маски за вработените, казната изнесува од 500 до 2.000 евра. МВР секојдневно известува за стотици казнети граѓани кои биле затекнати на отворен простор без маска.
Дел од европските земји веќе најавија наскоро укинување на некои рестриктивни мерки, меѓу кои е и носењето маска, а дел делумно ги ублажуваат мерките донесени за заштита од ковид-19.