Местото на кое некогаш била куќата на Баба Ванѓа се наоѓа во стариот дел на Струмица, на сегашната улица “5 Ноември”, пишува Вечер.
За сите оние кои денеска случајно или намерно минуваат низ овој дел на градот “5 Ноември” е улица како и секоја друга и нема ништо што може да ви даде било каква асоцијација дека некогаш токму тука и по овие сокачиња се движела големата јасновитка.
Видлива трага или пак некакво обележје нема, но ако се распрашате, посебно кај постарите жители од улицата тогаш без проблем ќе дојдете до куќата со број 67. Тука денеска живее семејството Пакетови.
Токму оваа куќа и соседната се изградени во дворот во кој некогаш била куќата во која се родила Баба Ванѓа.
На излезот од Ново Село, покрај магистралниот пат кој води кон Бугарија постои место на кое се наоѓа чешма која според некои приказни е директно поврзана со Баба Ванѓа и почетокот на нејзините претскажувања.
Според приказната, на 12-годишна возраст малата Вангелија Пандева на ведро време ја подигнал силен ветер и ја носел неколку метри, се до местото каде што денес се наоѓа чешмата. По тој настан таа започнала и да претскажува. Пред неколку години од страна на општина Ново Село просторот околу чешмата беше комплетно уреден. Чешмата е покриена со настрешница, а до неа се доаѓа по убаво уредена пешачка патека. Во непосредна близина се наоѓаат и неколку летниковци за одмор.
Ја барале луѓе од цел свет
“Таа беше со многу јаки критериуми кога стануваше збор за луѓето. Кај секој човек најмногу ги ценеше чесноста, работливоста, а моралот и беше на прво место. Секоја човек го гледаше преку моралот. Ако ти не си чесен, ако немаш морал немаше шанси да влезеш кај неа, а не пак да и бидеш пријател”, вели за ВЕЧЕР Фимка Гогова долгогодишна пријателка на Баба Ванѓа и автор на книгата “Ванѓа и јас”.
Вангелија Пандева Димитрова која подоцна целиот свет ќе ја знае како Баба Ванѓа, една од најголемите јасновитки е родена пред 103 години во Струмица како прво дете во семејството на Панде и Параскева.
Баба Ванѓа во родната Струмица живеела до својата 11-та година, а потоа заедно со целото семејство се преселила во Ново Село кај братот на нејзиниот татко. Откако се омажила, па се до крајот на нејзиниот живот таа живеела во бугарскиот град Петрич. Почина на 11 август 1996 година.
Баба Ванѓа предвидела голем број настани како што се бомбардирањето на Белград во април 1941 година, смртта на бугарскиот цар Борис, скопскиот земјотрес, па и сопствената и смртта на нејзиниот сопруг.
Ванѓа била неука жена
Некогашниот двор на Баба Ванѓа денеска е поделен на две семејства. Во другиот дел од дворот сега живее семејството на Кирчо Пакетов. И тој за Баба Ванѓа знае само од кажувањата на неговите родители. Вели дека не ја памети старата куќа, но според кажувањата на неговиот татко еден дел од неа бил токму во нивниот двор.
“Татко ми ми раскажуваше дека Баба Ванѓа живеела тука. Се уште може да се видат и остатоци од темелите. Знам само дека некогаш живеела тука, друго ништо не знам. Пред неколку месеци доаѓаа и некои луѓе од Бугарија со иницијатива да изградат некоја чешма или споменик, ама за тоа треба да се согласат сите”, вели за ВЕЧЕР Кирчо Пакетов.
Во непосредна близина на дворот во кој некогаш живеела големата јасновитка, на околу стотина метри погоре се наоѓа куќата на Фимка Гогова, сосетка, а подоцна и блиска пријателка на Баба Ванѓа. Своето дружење и спомените поврзани со Ванѓа пред околу една година таа ги раскажа во книга која ја наслови “Ванѓа и јас”.
Баба Ванѓа за време на нејзиниот живот секојдневно ја посетувале стотици граѓани од сите краеви на светот. Нејзината куќа во Петрич често била посетувана и од голем број светски познати личности, а една од нив била и Жаклина Кенеди.