Министерот за одбрана Зоран Јолевски денеска се приклучи кон акцијата за подигање на свеста за опасноста од реткото невролошко заболување Амиотрофична латерална склероза (АЛС), полевајќи со со вода со мраз на Градското пристаниште во Охрид.
Јолевски се полеа со вода заедно со неговиот пријател, светски познатиот гитарист од Охрид, Владимир Четкар.
– Се придржуваме кон светската акција за подигање на свеста за опасноста на болеста, знаејќи дека на луѓе од целиот свет вклучително и од Македонија им треба помош. На овој начин сакаме да им помогнеме на тие луѓе, како и да ги поддржиме активностите на сите луѓе кои работат на изнаоѓање лек против болеста, изјави Јолевски.
Министерот Јолевски во оваа прилика истакна дека наскоро ќе иницира основање фонд за собирање средства за конкретно, а не само декларативно вкллучување во борбата против болеста, најавувајќи дека тој и Четкар ќе бидат првите што ќе донираат средства.
Согласно воспоставената практика, тој ја искористи приликата да повика други познати лица од јавниот живот, и тие да се вклучат во хуманитарната акција. Тој ги номинираше оперскиот пејач Борис Трајанов, режисерот Милчо Манчевски, како и неговите поранешни колеги, Изток Грмек и Вибеке Лило, амбасадори на Словенија и на Норвешка во Босна и Херцеговина.
Гитаристот Четкар ги номинираше неговите колеги, светски познатиот продуцент Димитри фром Париз и диско-легендата од САД Ди-Си Лару, како и министерот за странски инвестиции Бил Павлески и персоналот на охридското кафуле „Аквариус“.
Фото – Сител