Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, денес во присуство на министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и вработени во Министерството за финансии и нивните деца ја отвори градинката на Министерството за финансии „Мини фини буџетчиња“. Градинката ќе ја посетуваат децата на вработените од Министерството и тоа е прва градинка отворена и наменета за вработени од државна институција во земјава.

Foto – Kurir.mk
Како што истакна Ставрески идејата за градинка за децата на вработените дошла од неговото работно искуство во Светска банка. Во Западните земји отворањето на градинки за вработените во институциите и фирмите е практика и е дел од стратегијата за човечки ресурси.

Foto – Kurir.mk
– Луѓето кои работат во Министерството за финансии се највредниот ресурс на нашата институција. Децата пак, се највредното нешто кое го имаме. Кога се тие згрижени и добри, работата полесно се работи. Како што истакнал големиот писател Достоевски кога сме меѓу деца душата ни е мирна – истакна вицепремиерот Ставрески.
Градинката има капацитет од 40 деца. Опремена е со најсовремени реквизити, а менито го планира нутриционист во насока на здрава исхрана. Вкупната инвестиција има вредност од 5,6 милиони денари.










