Телото на девојчето, чија фотографија како гледа кон аеродромот го обиколи светот, било пронајдено на повеќе од 30 километри од местото каде што се урнале поголемиот дел од остатоците од авионот. Тоа сугерира дека рускиот патнички авион експлодирал многу порано, отколку што се претпоставуваше, објавува „Дејли меил“.
Најмладата жртва, десетмесечната Дарина Громова, можеби е клучот за решавање на мистеријата околу уривањето на рускиот „Ербас“ кој пред повеќе од десет дена падна на Синајскиот Полуостров во Египет, при што загинаа сите 224 патници и членовите на екипажот.
Десетмесечната Дарина од Санкт Петербург била на одмор со нејзините родители во „Шарм ел-Шеик“. Таа загина заедно со своите родители, но нивните тела, како што пишува „Дејли меил“ сè уште не се пронајдени, ниту пак се идентификувани меѓу жртвите.
Пронаоѓањето на нејзиното тело ги натера истражувачите да ја прошират областа за пребарување. Тоа воедно се очекува да одведе и кон нови сознанија кои би ги расветлиле барем дел од сомневањата за тоа што се случувало со авионот.
Прибирањето на остатоците од авионот и потрагата по телата на загинатите се одвиваше на помал простор, односно на површина во дијаметар од 15 километри. Но, пронаоѓањето на нејзиното тело, го прошири подрачјето на истрагата на површина поголема од 40 километри.
Со оглед дека локацијата на која е пронајдено бебето е многу поблизу во насока на аеродромот, се претпоставува дека можната експлозија во авионот се случила набргу по неговото полетување.
Фотографијата на малечката Дарина, што ја направила нејзината 26-годишна мајка на аеродромот во Санкт Петербург, пред да полетаат кон Египет, стана симбол на оваа голема авионска трагедија во која загинаа 224 луѓе. Телото на Дарина било испратено во Каиро вчера откако било пронајдено во пустинските предели на Синајскиот Полуостров.
Пронаоѓањето на нејзиното тело го потврдил и Владимир Светелски, претставник на руското министерство за вонредни ситуации. Тој сепак нагласил дека телата на нејзините родители, 27-годишниот Алексеј и 26-годишната Татјана не се пронајдени.
Во прилог на претпоставките дека се работи за експлозија која дошла од внатрешноста на авионот, а не од надвор, говорат и оштетувањата на делови од трупот. Видливи се дупки на кои искривувањата на материјалот се кон надвор, а не кон внатре.
Фотографиите ги објави рускиот весник „Комсомолскаја правда“ со коментар дека оштетувањата „изгледаат како да се направени од шрапнел“.
„Можеме да претпоставиме дека овие дупки се направени под влијание од делови од бомба“, пишува весникот, кој, пак, се повика на блогери кои визуелно ги нагласиле оштетувањата на трупот од авионот.
Сепак, и покрај овие претпоставки, официјална Москва и понатаму останува на тврдењето дека падот на авионот е поради техничка грешка и не ги прифаќа теориите дека се работи за експлозивна направа однатре.
Теориите, пак, дека припадниците на ИСИЛ кои се присутни во регионот на Синајскиот Полуостров, успеале да го соборат авионот со ракета, не се прифатени ниту од руска, ниту, пак од американска страна.
Причината за тоа се сознанијата дека припадниците на ИД немаат оружја кои можат да погодат цели на 10.000 метри во воздух.